Разгледувањето на францускиот предлог e прв чекор кон враќање на довербата

168

Министрите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) ќе разговараат за политиките на проширување и пристапување кон Унијата, на утрешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, пренесува српската агенција Танјуг.

Министрите на состанокот за првпат ќе го разгледуваат францускиот предлог за реформи за политичкото проширување, но не се очекува носење на конкретни заеднички заклучоци, најавуваат од Европскиот совет.

– Не знаеме колку ќе можеме да бидеме конкретни, но секако сакаме да испратиме позитивна порака до регионот – порачаа од Советот.

Извори од Советот за агенцијата велат дека состанокот би требало да биде прв чекор за обновување на политиките за проширување, но и на довербата помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Откако во октомври го блокираше отворањето на пристапните преговори за Македонија и Албанија, Франција се заложи за постепено пристапување во ЕУ, отворање на структурни фондови за земјите-кандидати за влез, како и за построга политика за условување на проширувачкиот процес.

Според предлогот на Франција, земјите од Западен Балкан би требале да влезат во ЕУ, но според нов пристапен процес во седум етапи. Франција на останатите членки им испрати неформален документ на шест страници кој треба да послужи како подлога за расправата во институциите на Унијата.