Фото: Игор Бансколиев

Амандманите на извештајот на Европскиот парламент за Македонија се засновани на принципите на меѓународното право и, пред сѐ, на политиките на здравиот разум. Сепак дискутабилно е колку ваквиот развој на настаните може да придонесе и за отклонување на бугарското вето, бидејќи ЕП не може да влијае на консензуалното одлучување во ЕУ, тврдат аналитичарите

Последните предлог-амандмани на четворица европарламентарци за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес влеваат надеж дека одредени струи во Европа застануваат отворено на македонска страна и притоа силно ги осудуваат бугарските потези и уцени кон нашата земја.
Всушност, Европскиот парламент (ЕП) веќе денеска ќе расправа и ќе гласа за годишниот извештај за Македонија, кон кој групите на зелените и социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на непримерното и провокативно однесување на бугарските власти со наметнувањето несоодветни услови на Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Во еден од амандманите, претставници на бугарската влада се обвинети за изјави што поттикнуваат ревизија на историски прашања што ја засегаат Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.
Во предлогот поднесен од четворица европратеници од групата на социјалистите и зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), прецизно се наведува дека „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската влада за историски прашања што ја засегаат С Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“.

Наедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Македонија за ваквите провокации. Очекувано, бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени од социјалистите и зелените во Извештајот за напредокот на Македонија, кои, според нив, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.
Проблематизирањето на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, отворено почна да се манифестира кога бугарската влада, минатото лето го испрати објаснувачкиот меморандум за нејзината позиција за македонските евроинтеграции до другите земји-членки на ЕУ. Иако и претходно Бугарија имаше преземено чекори во своите институции со кои јасно ги искажа своите уценувачки намери спрема Македонија, користејќи ја привилегираната позиција на членка на ЕУ, меморандумот беше директен вовед во ветото за преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што требаше да се случи во декември, минатата година. Но и по ефектуирањето на ветото, речиси со секојдневна динамика продолжија провоцирачките изјави на министри од бугарската влада и други политичари, во кои покрај барањата за идентитетско-историска „преобразба“ на Македонија и Македонците, обвинуваа и за наводен говор на омраза во Македонија спрема Бугарија, па дури имаше обиди и за имплицирање загрозеност на одредени лица со бугарска национална самосвест… Во целиот овој контекст, предложениот амандман на извештајот за Македонија во Европскиот парламент е извесен исчекор на европската политика, како своевидна институционална реакција на ирационалноста на бугарските барања и уцени. Всушност, претходно, германска невладина организација излезе со анализа дека Бугарија, спротивно на меѓународното право, ги злоупотребува процедурите за пристапување во ЕУ за да ја малтретира Македонија.

И покрај актуелниот, сѐ поактивен интерес на одредени чинители во европската политика, и вознемиреноста на Бугарија од предлог-амандманот на извештајот за Македонија, и понатаму се бараат одговори на кој начин тоа би можело да придонесе за конечно започнување на преговорите за членство во ЕУ.
– ЕУ не ги разбира и нема да ги разбере неразумната позиција и аргументи на Бугарија за ветото за евроинтеграцијата на Македонија. Но тоа не значи дека ќе влезе во конфронтација со Бугарија по тоа прашање. Барем тоа нема да го направат одредени земји-членки, сѐ додека не им е во актуелен интерес проширувањето на Унијата. На тој дел од ЕУ му одговараат ваквите позиции на Бугарија спрема Македонија, сѐ додека претставуваат изговор (кој не мораат тие да го кажат) за нивната незаинтересираност за проширување. Тоа за ЕУ се две различни работи – вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Во однос на предложените амандмани за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, Трошановски потсетува дека тоа не е прва таква реакција на ЕП, како и дека се големи шансите извештајот со амандманите да биде изгласан.
– Амандманите на извештајот на Европскиот парламент за Македонија се засновани на принципите на меѓународното право и, пред сѐ, на политиките на здравиот разум. Секако тоа е уште еден глас на европско ниво во македонска полза, барем за разбирање на нашите позиции пред другите земји-членки на ЕУ, како и пред Европската комисија.

Сепак, мора да бидеме свесни дека тоа е повеќе принципиелна, реторичка поддршка на македонските позиции во спорот со Бугарија, но дискутабилно е колку можат да придонесат за надминување на неговата суштина, сведена на историско-идентитетска расправа како причина за блокирање на евроинтеграциите на Македонија. ЕП не може да влијае на консензуалното одлучување во ЕУ – вели Трошановски, упатен познавач на европските политики и процеси.
Во секој случај, иако извештајот на Европскиот парламент можеби нема клучна улога во одлучувањето во ЕУ, сепак забелешките за бугарските позиции и однесување спрема Македонија, претставуваат сериозен жолт картон за Бугарија на европски терен, оценуваат аналитичарите.