Европскиот и македонскиот минималец како небо и земја

825
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Токму ваквите согледувања и огромни разлики во економската развиеност на државите укажуваат на потребата од итни промени во економските политики во Македонија, во насока на создавање предуслови за забрзани и многу повисоки стапки на економски раст

Најавените длабоки реформи во Европската Унија во повеќе сфери, меѓу кои прашањето за проширувањето, регулирањето на политичките односи, безбедносно миграциските прашања и слично, деновиве се проширија и во сферата на економијата, зафаќајќи го прашањето за нееднаквоста на приходите меѓу членките на Унијата. Во таа насока периодов во Европската комисија се кршат копјата околу иницијативата да се воведе европски минималец. Иако ЕК има ограничени права во областа на креирањето на политиката на платите во Унијата, сепак таа подготвува законско решение за заедничка европска минимална плата, кое деновиве наидува на остри критики и несогласувања од поразвиени земји-членки на Унијата. Токму претставниците на скандинавските земји во ЕК предупредуваат дека мерката за воведување европска минимална плата, која е актуелна периодов, може да ги поткопа нивните долгогодишни системи на колективно договарање меѓу работодавците и вработените и тие да бидат принудени да ги намалуваат постојните плати на вработените.

Суштината на проблемот е токму во економската разлика и стандардот меѓу скандинавските земји во Унијата и поново влезените членки на Истокот.
Актуелната полемика и случувања внатре во ЕУ во однос на разликите во платите е интересна и од гледна точка на Македонија, која претендира во скоро време да стане дел од Унијата и во таа насока настојува да фати приклучок или да се приближи до одредени европски стандарди и вредности и во овој сегмент. Во тој правец, секако, се наметнува и дилемата колку државава е далеку од овие стандарди за кои се разговара дека ќе се применуваат во ЕУ ако се земе предвид дека во некои западни земји-членки на ЕУ минимална плата изнесува и до две илјади евра месечно, па и повеќе. Кога и како Македонија би можела да го имплементира овој предлог-закон за минимална плата во ЕУ ако е познато дека кај нас минималецот изнесува околу 235 евра?

Поранешниот амбасадор и познавач на состојбите во ЕУ Ристо Никовски, коментирајќи ги ваквите иницијативи во ЕУ за воведување европски минималец, вели дека мерките глобално се чист популизам и шминкерски чекори, бидејќи, според него, невозможно е да се најде заедничка минимална плата внатре во Унијата токму поради големата економска разлика на западните членки со оние од Истокот. Според него, ЕУ во таа насока треба да создава стимул, вклучувајќи и за аспирантите како Македонија, за да се подигне економскиот стандард кај неразвиените.

– Иницијативите за некаква заедничка минимална плата во рамките на Унијата се бесмислени ако се знае дека разликата меѓу најбогатата и најсиромашната е приближно 7 наспроти 1. Во такви ситуации слична мерка е невозможна. Ако ЕУ веќе сака да води сметка за слабо платениот труд на дел од земјите-членки или кандидатки, тогаш едноставно треба да најде стимулативни мерки за дел од индустриските капацитети во најразвиените да овозможи тие да се преселуваат кај најсиромашните. Само така може да се надмине проблемот со евтина работна рака и сиромаштија што владеат во еден значаен дел од земјите. Тоа апсолутно важи и за случајот со Македонија – оценува Никовски.

Слично размислува и професорот Лазар Лазаров. Според него, економската разлика меѓу земјите-членки во ЕУ постои од самиот почеток на формирањето на Унијата. Професорот вели дека единствено шест од 28-те земји-членки на ЕУ поточно немаат законска минимална плата, но и кај овие земји и нивните најниски плати, во споредба со Македонија и македонскиот минималец, разликата е огромна.

– Месечните примања во Унијата, според моите сознанија, се движат помалку од 500 евра во Бугарија и Романија до повеќе од 2.000 евра во Луксембург и Данска. Нелогично е ваквиот закон за европски минималец да се прифати кај сите земји-членки, токму од проблемот што е од економска природа, односно од економската неразвиеност или развиеност на земјите внатре во Унијата. Слободно може да се каже дека отсекогаш западните членки, но и оние од Скандинавија, биле економски помоќни и развиени во однос на оние од источниот дел на Европа. Оттука, по автоматизам, платите и приходите секогаш биле повисоки на запад од Европа, па затоа впрочем има и внатрешна миграција на работната сила во овој момент во Унијата, која најмногу е предизвикана токму од слабата економска развиеност на источните членки. Во однос на Македонија како кандидат за членка во ЕУ, според мене, засега во блиска иднина е невозможно да го достигнеме европскиот минималец колкав и да биде, бидејќи кај нас просечната плата е премногу ниска во однос на земјите од ЕУ и изнесува не повеќе од 450 евра – вели професорот Лазаров.
Според професорот, македонскиот месечен минималец некаде во скандинавските земји е во висина на дневница за тамошните работници.

Токму ваквите согледувања и огромни разлики во екононската развиеност на државите укажуваат на потребата од итни промени во економските политики во Македонија, во насока на создавање предуслови за забрзани и многу повисоки стапки на економски раст.

Инаку, политичарите на ЕУ сакаат платите да се зголемат на повисоко ниво низ блокот, со оглед на широките разлики во примањата, особено помеѓу западните нации и поновите членки на Истокот. Дебатата за минималните плати доби на интензитет годинава, откако потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, повика секоја земја-членка на ЕУ да има минимална плата еквивалентна на 60 проценти од просечната плата во таа земја. Според анализите, Бугарија и Романија имаат најниски плати во Унијата, и нивните минималци се далеку под 500 евра. Од друга страна, според податоци од Евростат, највисок минималец во моментов во Унијата има Луксембург, а тој изнесува некаде околу 2.000 евра. Во меѓувреме Данска, Шведска и Финска немаат минимална плата. Наместо тоа, за платите се преговара директно меѓу синдикатите и работодавците – т.н. систем на колективно договарање – и обично се повисоки отколку во повеќето други земји на ЕУ.


Големи разлики меѓу членките

Минималната плата во земјите од Европската Унија, во кои таа постои, расте во последниве години.
Според Евростат, износот на минималната плата се движи во многу широки граници од 235 евра во Бугарија и 322 евра во Романија, до 1.999 евра во Луксембург, или 8,5 пати над нивото во Бугарија. Податоците покажуваат дека минималната плата е околу 1.500 евра во Франција и Белгија, а во Германија и Велика Британија вложениот труд се пресметува на час и изнесува околу 9 евра.
Земјите во југот од Европа што се западнати во криза не може да си дозволат толку високи плати, но сепак минималната плата е повисока отколку во „новите членки“ од Источна Европа. Во Грција на пример минималната плата е 586 евра, во Португалија е 557 евра, а во Шпанија е речиси 708 евра, се наведува во извештајот на Евростат.


Висина на минималецот по држави

Бугарија – 235 евра
Романија – 322 евра
Грција – 586 евра
Словенија – 806 евра
Франција – 1.500 евра
Луксембург – 2.000 евра и повеќе
Данска – 2.000 евра и повеќе