Европската политика на ограничување на Балканот е опасна илузија

125

Европската унија (ЕУ) веројатно има сопствени причини за поддржување на Западен Балкан, но всушност, практикува политика што е во согласност со постапките на Брисел и на земјите-членки кон регионот во последните две децении, наведува „Балкан инсајт“.

Уште од самитот во Солун во 2003 година, ЕУ инсистира не само на политиката на „отворена врата“ кон Западен Балкан, туку го карактеризира вклучувањето на регионот како неизбежно. Таквиот пристап е неумесен бидејќи послужи за прикривање на пристапот на Унијата за справување со отстуството на политички напредок во регионот, особено по финансиската криза во 2008 година. 

Но ваквиот пристап беше убедлив за жителите на Западен Балкан, а надежта претставува силен поттик. Тоа се смени кога Франција и Холандија ја извртеа ваквата реторика. 

Сега пристапот на европската заедница кон Западен Балкан се смени од „членството е неминовно“ до „членството е неочекувано“.  Тоа не е мала промена, која може да се протолкува единствено како предавство, особено од оние што се посветени на евроатлантската агенда, како што е случајот со сегашната влада во Скопје.

Таборот против проширувањето во кој се Франција и Холандија, веројатно не се грижи за ваквата ситуација. Но тука не станува збор само за праведност, која никогаш немала големо значење во европската политика. Вистинскиот проблем е што француските и холандските творци на политиките, како и многумина нивни колеги кои ги посетуваат главните градови на Стариот континент, веруваат дека ЕУ може да премине од политиката за проширување до т.н. „ограничување“ на Западен Балкан, без да плати никаква цена. Ова претставува опасна илузија.

Наивно е да се верува дека ЕУ може да „ги измие рацете“ од Западен Балкан, преку јасно одбивање на регионот, или преку завлекување на неговите жители и лидерите на неодредено време.

Двата пристапа ќе дадат ист резултат – континуирано масовно иселување на обичните граѓани кон ЕУ и кон Западот, како и влошена политичка динамика за оние што ќе останат, што ќе придонесе за отварање на прашања за безбедноста на маргините на Унијата.

Никој не тврди дека шесторката од Западен Балкан е подготвена за членство во ЕУ, но процесот за преговори овозможува основа за стабилизација, реформи и трансформација на регионот. Ако ЕУ дозволи колапс во регионот, преку намерна или случајна негрижа, тоа ќе создаде облак на нестабилност што ќе се надвие врз вистинските и имагинарните граници на Стариот континент, се заклучува во анализата на „Балкан инсајт“.