Иако не постои прецизна дефиниција на поимот „балкански начин“, на неговото споменување вообичаено сите реагираат како на начин за постигнување на целта со заобиколување на правилата на играта, во кој не е исклучена и примена на незаконски и насилни методи. Токму затоа препораката на Хан за надминување на политичката криза во Македонија предизвика, најблаго кажано, зачуденост, со оглед на постојаните укажувања од ЕУ и од НАТО за потребата од реформирање токму на тој балкански принцип на функционирање на општеството

Во текот на овие десетина дена од денот на одржување на консултативниот референдум, на кој не беше исполнет законски предвидениот цензус на одзив на граѓаните (односно излегоа само 36,9 отсто од законски потребни 50 отсто плус еден), поддржувачите од странство, на спогодбата од Мала Преспа, мошне директно му сугерираат на премиерот дека не се потребни предвремени избори и да се насочи на обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на уставните измени. Таква препорака особено експлицитно упати еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, сугерирајќи некакво балканско решение на новонастанатата ситуација. Со оглед на фактот што во минатото Балканот често бил поприште на судири и поделби од најразличен вид, поради што и се нарекува буре барут, ваквата негова изјава прозвучи како навраќање токму на таквото немирно минато.

– Новите избори ќе бидат само одолжување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година – смета Хан.

Тој понатаму не се воздржува и од менторирање на начинот како да се постигне потребното мнозинство од 80 пратеници што ќе ги поддржат уставните измени во македонското собрание.

– Потребни се осум или девет гласа од опозицијата, и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО, вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение што е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај, како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното – истакнува еврокомесарот Јоханес Хан.

Барајќи го решението на македонската постреферендумска политичка криза, во дуализмот на принципите „балканско“ и „рационално“, се чини дека Хан остава простор за примена на методи и средства што очигледно се во спротивност со принципите и практиките на европската демократија. Иако не постои прецизна дефиниција на поимот „балкански начин“, на неговото споменување вообичаено сите реагираат како на начин за постигнување на целта со заобиколување на правилата на играта, во кој не е исклучена и примена на незаконски и насилни методи. Токму затоа препораката на Хан за надминување на политичката криза во Македонија предизвика, најблаго кажано, зачуденост, со оглед на постојаните укажувања од ЕУ и од НАТО за потребата од реформирање токму на тој балкански принцип на функционирање на општеството за земјата да добие шанса да преговара за влез во нивниот клуб.

Влегувајќи во контрадикторност во сопствената изјава, еврокомесарот Хан „невнимателно“ ги поткопува европските демократски принципи за кои вели дека Македонија „едноставно мора да ја плати цената“.

До крајот на работното време од вчерашниот ден (и во институциите на Европската комисија во Брисел и во Македонија), редакцијата на „Нова Македонија“ не доби одговор на прашањето упатено до портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, за попрецизно дефинирање на значењето на изразот „балканско решение“ во изјавата на еврокомесарот Хан. Но таа негова изјава сепак остана за толкување во зовриениот македонски политички амбиент. Македонските политички аналитичари сметаат дека таа изјава на Хан е сосема несоодветна и непримерена.

– Со самиот контекст, во кој поимот „балканско“ е ставен како опозит на „рационално“, логично наведува дека се одвојува едното од другото. Тоа значи дека балканското не е рационално. Ако демократските вредности на ЕУ што ги застапува Хан како еврокомесар се оние што се рационалните, значи дека балканските се оние што се во спротивност со нив. Или, едноставно кажано, во конкретнава политичка ситуација во Македонија, тоа, меѓу редови (или меѓу зборови), значи дозвола за користење недемократски методи, а некои од нив се принуда и поткуп – размислува еден македонски политички аналитичар.

Таквата олабавеност или невнимателност во изјавите на Хан, па и на други функционери во Европската комисија, аналитичарите ја толкуваат со фактот дека на нивните мандати им се ближи крајот и тие се на функција уште пет месеци. Сепак, и покрај тој факт на скорашно менување на поставата на функционери во ЕК, декларативно остануваат да важат принципите на демократијата и правдата во Европската Унија, па и понатаму останува збунувачка (и за македонската јавност) препорачаната за решавање на кризите како комбинација на балканското и рационалното.

– Имам многу пишувано за балканскиот менталитет и сигурен сум дека под тоа не се подразбираат рационални вредности. Иако не ми се допадна начинот на кој е искажана, изјавата на Хан е во согласност со сликата што ЕУ ја има за нас во Македонија и на Балканот, а ние ја поддржуваме со начинот на кој се однесуваме. Тие знаат дека ние знаеме да лажеме, да крадеме, особено за избори и во мигови на носење одлуки, а тоа го подразбираат како „балканско“. Рационалното се европските демократски принципи. Како е можна комбинација меѓу балканското и рационалното, некој да ми објасни и мене треба. Но изјавата на Хан говори за тоа дека сите надвор се свесни дека без „балканското“ не може да се најде излез од ситуацијата во која се најде Македонија по референдумот. Да беше според рационалните, европските принципи, претседателот на државата и опозицијата ќе ги повикаа граѓаните да излезат на референдумот и да се изјаснат „против“, ако нивниот став е спротивен на оној на Владата, која повикуваше да се гласа „за“. Ако се спроведеше референдум по европски терк, сега ќе знаевме каква е волјата на народот. Со опструкции на референдумот, повторно се доведовме во балканска ситуација. Факт е дека не знаеме да ги поставиме правилата на игра – вели професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески.