ДУИ во очекување на длабоко орање

620
Фото: Дарко Андоновски

Односите и состојбите што се востановени во македонскиот политички живот како практика уште поодамна, а имено се однесуваат на начинот на работење и односот на функционерите на ДУИ во владината коалиција, се далеку од коректни. Таквиот однос не само што не е вообичаен за системското процедурално функционирање на една современа демократија туку е и во судир со позитивното право, односно спротивно на низа законски и подзаконски акти со кои е уредено функционирањето на Владата, министерствата и другите државни органи, како и нивното меѓусебно работење. Тие, условно речено, на преостанатиот дел од Владата му ги отежнуваат работењето и функционирањето, извршната власт ја идентификуваат со меѓупартиски договори, а премиерот со шеф на партија, со што го прогласуваат за ненадлежен за ресорите што ги држи ДУИ

Од која преспектива и да се погледне живописната македонска политичка сцена, несоборлива партиска константа од 2002 година (со извесна пауза во периодот од 2006 до 2008 година) е албанската партија ДУИ. Таа редовно коалицира со двете големи партии од македонскиот блок (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), кои наизменично се менуваат во процесот на освојување на власта на парламентарни избори.
Силен е впечатокот дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на своевиден начин, цело време додека неговата партија партиципира во власта, е доживуван како своевиден премиер во сенка, или паралелен премиер. Неговите сопартијци, функционери во извршната власт, дури и јавно се изјаснуваат дека пред сѐ и над сѐ му одговараат нему, а тој потоа на меѓупартиско ниво ги договара работите со актуелниот премиер на Владата. Ваквите односи и состојби одамна се востановени како практика во македонскиот политички живот и, што е уште повеќе политички трагично, како нешто сосема нормално. Таквиот однос не само што не е вообичаен за системското процедурално функционирање на една современа демократија туку тоа е и во судир со позитивното право и низа законски и подзаконски акти со кои е уредено функционирањето на Владата, министерствата и другите државни органи и нивното меѓусебно работење.
Но не дека стручната јавност и граѓаните не ги забележуваат овие малформации. Не е невообичаено што во македонскиот политички кампус, особено од страна на двете најголеми партии, сѐ почесто се реагира на ваквиот однос на функционерите на ДУИ, но сега сѐ почесто и во рамките на ДУИ, оваа практика е предмет на критики. Во истиот контекст, и од страна на странски политички фактори, некогаш подискретно, а сѐ почесто и отворено, укажуваат на оваа појава, од потребата за длабока ревизија на ваквиот однос, но и на реструктурирање и внатрепартиско реформирање на партијата чија хиерархија, субординација и поставеност не се сменија од нејзините зачетоци како паравоена формација до преименувањето и ребрендирањето во политичка партија.

Под притисок на политичките турбуленции во земјата и нивната забрзана динамика на одвивање, предизвикани од аферата „Рекет“, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во средината на седмицава, свика седница на Централното претседателство на партијата, на која се разгледувала актуелната политичка состојба во земјава. Но, што е уште побитно, во контекст на гореспоменатата појава, на седницата се разговарало и за внатрешната организација на партијата пред одржувањето на изборниот конгрес на ДУИ. Самата можност за одржување изборен конгрес на партијата, во јавноста беше протолкувана како совпаѓање со сѐ почестите и погласни забелешки во јавноста, а имено за капацитетот на ДУИ да се преструктуира, па и целосно да се реформира. Постои ли можност, по 18 години во ДУИ, лидерот да го напушти кормилото на партијата и, напуштајќи го анахрониот политичко-партиски националноцентристички гравитациски курс, таа да заземе некаков помодерен граѓански, демократски курс?
– Во моментов ДУИ е притисната од неколку страни, како од објективни причини, така и од субјективни (лични сугестии), за сопствено реформирање. Објективните причини се порозноста за афери, предизвикана од долгото партиципирање во власта, а истовремено и недостигот од кадровски капацитети. Од друга страна, сѐ повеќе се покажува дека политичкиот пазар во Македонија не е доволно голем за две моќни албански партии. Сепак, очигледно е дека во ДУИ немаат сила да се ребрендираат без лидерот, кој е премногу доминантен. А очигледно е дека и немаат желба за промени. Не очекувам овој конгрес на ДУИ да донесе некои суштински промени, а слабоста на преостанатите две албански партии, ќе ја искористи за одржување на партиското статус кво – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

По осумнаесетгодишното речиси континуирано учество во извршната власт на партијата што се создаде од демилитаризираната ОНА, која беше втората страна од конфликтот во 2001 година, по која произлезе и Охридскиот договор, дел од политичките аналитичари сметаат дека ДУИ е истрошена партија.
– Од сето дејствување на ДУИ, јасно е дека тоа е истрошена партија, но сепак не се потрошени нејзината амбиција и потреба да биде на власт. Таквите партиски амбиции повеќе им служат на македонските партии што ја освојуваат власта, отколку на албанскиот електорат. ДУИ веќе со години е сведена на гласачка машинерија, служи само како ортак на власта (на која било власт) и претставува своевидно „заштитено национално богатство“ за македонските партии, како „гарантиран коалициски партнер“. Партијата беше речиси пред распаѓање пред минатите локални избори, па актуелниот премиер ја спасуваше – вели политичкиот аналитичар Ким Мехмети.
Во однос на внатрешниот кадровски потенцијал да се реформира, па и да се ребрендира партијата, Мехмети смета дека корумпираноста во партиските структури е толку заплеткана, што не остава простор за некаква реформаторска иницијатива.

– Пирамидата на партиската поставеност во раководството на ДУИ функционира на принципот колку покорумпиран, толку поупотреблив за политичка манипулација. Се поставува прашањето како е можно од сите афери што произлегоа од претходната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, само функционерите на ДУИ да излезат чесни? Сосема нелогично! А реалноста е сосема спротивна. Челниците во раководството на партијата сега веќе и да сакаат не можат да се повлечат од власта. Зашто првиот момент штом нема да бидат на власт, ќе треба да одговараат пред законите. Во таква ситуација излегува дека најмал проблем е повлекувањето на лидерот на партијата. Всушност сега другите од партијата не му дозволуваат на лидерот да даде оставка, за да не се разурне воспоставената коруптивна пирамида – проценува Ким Мехмети.