Државата не е влог за хазардните игри на политичките партии!

117
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според политичките аналитичари, ваквиот пристап е калкулантско-партиски, со тесни интереси, проследен со штетно политичко пазарење и со елементи на уценување и заложништво на националните интереси. Таквите суицидни „жртвувања“ на државните и национални градбени супстрати влечат долги корени во парламентарното дејствување на Македонија. Зошто е тоа така и како да се надминат ваквите погубни политики

Колку државните и национални интереси се предмет на партиски пазарења за време на процесот на преткоалицирањето? Кои од националните стожери досега биле загрозени во партиските тесноинтересни коалицирања и дали воопшто постои идеолошка или барем заедничка програмска платформа за формирање власт, а особено меѓу партиите од македонскиот и од албанскиот блок?
Овие дилеми повторно се актуелни во домашната јавност во предизборниот период, но и во моментот кога во македонското собрание се присутни турбулентни процеси поврзани со изгласувањето на законот за јавно обвинителство. И овој процес до последен момент е проследен со низа партиски преговарања и договарања околу неговата содржина, со закани, уценувања, калкулации и одложувања, што беше и причина за поместување на првично најавениот рок за распуштање на Собранието од 12 февруари за 16 февруари.

Упатените велат дека ваквиот пристап е калкулантско-партиски, со тесни интереси, проследен со штетно политичко пазарење со елементи на уценување и заложништво на националните интереси. Таквите суицидни „жртвувања“ на државните и национални градбени супстрати влечат долги корени во парламентарното дејствување на Македонија.

Незаситните апетити на дел од албанскиот политички блок и поединци

Досегашното искуство покажа дека по правило ваквиот тип коалицирање функционирало врз принцип на уцена, за исполнување цели поставени од страна на албанските партии кон оние од македонскиот блок. Во поновиот период, на тој принцип беше спроведено „прифаќањето“ на тиранската платформа во 2017 година, потоа на идентичен начин беше протуркан Законот за употребата на јазиците, беа извршени рамковните вработувања, а сега врз оваа формула се бара да се употребува Бадентеровиот принцип во носењето на законот за јавно обвинителство
Професорот Димитар Апасиев, во свое излагање на слична тема поврзана за начинот на кој во земјава дејствуваат албанските партии, вели дека има еден интересен феномен кај албанскиот блок, кој „е малку анализиран“.
Според Апасиев, ДУИ во дејствувањето за придобивка на гласови овој пат ќе вози на законот за јазици и сличните придобивки, кои партијата ги остварила со начинот на кој дејствувала односно со истакнување УЧК-ореоли, кои веќе бледнеат и кај соседно Косово.

Апасиев мисли дека, сепак, во иднина на овие стари команданти им се поминати деновите во политиката бидејќи се целосно искомпромитирани преку тие криминални афери и тие бомби што им ги пушташе УЧК.
Професорот истакнува дека преостанатите партии од албанскиот блок на изборите имаат големи апетити за освојување мандати, односно најверојатно, според него, изборно ќе коалицираат Алијанса со Алтернатива и возможно е тие да изненадат.
Тој подвлекува дека и овие партии имаат слични дејствувања како ДУИ, бидејќи тие се уште порадикални во барањата за голема Албанија, за федерализација и сл. и таа тема ќе биде многу сензитивна кога ќе се коалицира со македонските партии.

Домашниот политички естаблишмент се темели на етноцентични политички партии

Професорот Јове Кекеновски, пак, напоменува дека уценувањето и исполнувањето на уцените на албанските партии на штета на македонските, односно на штета на националните интереси е практика што е активна во земјата, бидејќи нашиот политички естаблишмент се темели на етноцентрични политички партии.
– Кога партите се пазарат, најчесто се пазарат за интересите на заедниците или народите што ги претставуваат. Па оттука секое коалицирање се доживува како пазарење во кое Македонците на своја штета отстапуваат нешто во корист на Албанците. Тоа ќе се надмине кога ќе се востанови практика за формирање партии каде што една националност не е доминантна – вели Кекеновски.

Професорот вели дека во сегашната поставеност на состојбите, албанските партии не знаат да дејствуваат поинаку, освен да ги „заштитуваат“ интересите на Албанците и токму затоа тие измислуваат глупави барања со национален предзнак и по секаква основа потоа ги уценуваат своите коалициски партнери од македонскиот блок.
Кекеновски истакнува дека во земјава оваа состојба со тргување и пазарење на националните интереси треба да прекине, а тоа ќе се случи кога албанските партии ќе еволуираат, односно кога тие ќе се обидат во своите редови да донесат и функционери и гласачи од другите народи.

Дали пазарењата на национална основа се должат на актуелниот распоред на силите во Собранието?

Политикологот Петар Арсовски истакнува дека коалицирањето на партиите во парламентот врз принцип на пазарења на национална основа, пред сѐ, се должи на актуелниот распоред на силите во Собранието.
– Не сум сигурен дека барањата во коалициските блокови можат да се карактеризираат по етничка линија, односно дека албанскиот партнер го уценува македонскиот, бидејќи овој парламентарен состав памети и слични пазарења или уценувања за гласање за Преспанскиот договор, кои во минатото доаѓаа од група на пратеници што се Македонци – вели Арсовски.

Сепак, тој додава дека нечистата и тензичната состојба, која во моментов е актуелна во Собранието, се должи на таквата карма на ова парламентарно мнозинство.
– Таква му е кармата на овој парламентарен состав, бидејќи се фрагментирани и бидејќи доаѓаат во ситуација во која гласачкото тело и кај Македонците и кај Албанците е дијаметрално поделено, на поддршка за власта и поддршка за опозиција. И тие два фактора заедно носат тензичен мандат. Од друга страна, многу е тешко да се објасни зошто барањата на партиите, на пример оние поврзани со законот за јавно обвинителство, се нереални и несовесни кон националните интереси. Тоа кај партиите единствено може да го казни електоратот и да не им дозволи на идните парламентарци да продолжат да се однесуваат на овој штетен начин. Сето тоа, верувам дека најлесно може да се постигне со отворање на парламентарните листи на изборите бидејќи на тој начин ќе се избираат пратеници, кои навистина се грижат за државните интереси и не работат по партиска агенда или лидерска директива – вели Арсовски.

Професорката Мирјана Најчевска, пак, изнесе исклучително жесток став осврнувајќи се на актуелните случувања. Таа за уцените на авторитетите во албанскиот блок напиша дека за партиите е срамота да се претворат само во неми исполнувачи на барањата на моментално најкриминалната структура во власта.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]