До крајот на векот значително ќе се намали светското население

161
Фото: Игор Бансколиев

Според објавената студија во ова научно списание, 183 од 195 земји нема да можат да го одржат сегашното население до крајот на векот. Балканот и Македонија не се заобиколени од овие трендови. Нашите демографи предупредуваат дека недостигот од соодветни популациски политики доведува до многу загрижувачки негативен природен прираст

ЗАГРИЖУВАЧКИ НАОДИ ВО СТУДИЈА НА НАУЧНОТО СПИСАНИЕ „ЛАНСЕТ“

Стапката на фертилитет во светот опаѓа. Според најновите наоди на престижното научно медицинското списание „Лансет“, намалувањето на стапката на плодност низ целиот свет значи дека речиси секоја земја би можела да има намалување на населението до 2100 година, што ќе предизвика големи поместувања врз општествата, економијата и животната средина.

Глобалната стапка на плодност е преполовена уште пред короната, во 2017 година

Според последната објавена студија во ова научно списание, 183 од 195 земји нема да можат да го одржат сегашното население до крајот на векот. Балканот и Македонија не се заобиколени од овие трендови. Нашите демографи предупредуваат дека недостигот од соодветни популациски политики доведува до негативен природен прираст.
Во согласност со новите процени, 23 земји, вклучувајќи ги и Јапонија, Тајланд и Шпанија, се очекува да го забележат преполовување на населението до 2100 година. Уште 34 би изгубиле меѓу четвртина и половина од своите граѓани. Се очекува Кина да изгуби 48 проценти од своето население. Повеќе жени во образованието и работата, како и поголемиот пристап до контрацепција, доведува до помалку родени деца. Ако стапката на плодност – просечниот број на деца што жената раѓа – паѓа под 2,1, големината на населението почнува да опаѓа. Во 1950 година, жените во текот на животот имале просечно 4,7 деца.

Истражувачите од Универзитетот во Вашингтон посочуваат дека глобалната стапка на плодност е речиси преполовена, на 2,4, во 2017 година. До 2100 година се предвидува да падне под 1,7. Светското население се очекува да достигне искачување од 9,7 милијарди во 2064 година, пораст од 8,7 милијарди денес, пред да падне на 8,8 милијарди до крајот на векот.

И нашата земја не е надвор од овие трендови

Македонија не е надвор од овие трендови. За тоа што и кај нас се намалува стапката на фертилитет влијаат неколку фактори, велат демографите.
– Има повеќе фактори и модалитeти на согледување на состојбите. Прво, свое влијание си има секако образованието, колку е жената пообразована, толку има поголема свест дека бројот на деца е ограничен. Второ, од здравствен аспект, порано била висока смртноста на доенчињата и општо стапката на смртност кога немало доволно развиено здравство, но и свест за жените за бременост, немало гинеколози. Во Кина беше забрането да се имаат повеќе деца, зашто тоа беше земја со висок природен прираст. Кај нас, во 1950-тите имавме висока стапка на наталитет.

Жените имаа по 8-9 деца. Сега, со влијанието на образованието и подобрувањето на здравството, се намалува бројот на раѓања. Со проста репродукција на население денес немаме ни две раѓања од жена во период кога може да роди. А таа бројка е минимум за да се одржува обновувањето на населението по природен пат – објаснува Дончо Герасимовски, експерт по демографија.
Минатата година Македонија првпат влезе со негативен природен прираст. Поголема смртност одошто раѓања имаше речиси во сите балкански земји.
– Тоа доведува до намалување на работоспособното население.

Тоа значи дека населението старее и дека Македонија е навлезена во демографска старост. Имаме 18 отсто население старо над 65 години. Државата има старечко население. Од друга страна, за само една година се родени од три до пет илјади помалку бебиња. Државата не е заинтересирана за попис, властите не се заинтересирани за решавање на овој проблем. Ние сме единствената земја во светот што 18 години нема спроведено попис – додава Герасимовски.


Решенија има, потребна е волја

Некои држави се обидоа да спроведат некакви политики во однос на зголеменото породилно отсуство и мајчинството, потоа бесплатна грижа за децата, а наталитетот се поттикнува и со финансиски стимулации и дополнителни работнички права.
Шведска ја зголеми својата стапка на фертилитет од 1,7 на 1,9. Други земји што вложија значителни напори во решавањето на овој проблем исто така имаат успех. Сингапур сè уште има стапка на плодност од околу 1,3.

Некои земји, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, ја искористија миграцијата за да ја зголемат својата популација и на тој начин да го компензираат падот на стапката на фертилитет.
Научниците велат дека ако половина од овие предвидувања се точни, миграцијата ќе стане неопходност за сите нации, а не опција. За да се има успех во ова поле, потребни се основни преиспитувања на глобалните политики.