До ЕУ преку партија „не лути се, човече“

134

И по последниот документ на тимот предводен од германскиот експерт Рајнхард Прибе, според согледувањето на институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, се мултиплицираа проблемите во повеќе области, меѓу кои судството, народниот правобранител, безбедносните служби, медиумите, изборите и корупцијата

По добивањето условен датум за преговори со Европската Унија минатата година, а подоцна и со потпишувањето на договорот за надминување на проблемот за името со Грција и во очекување на јунскиот самит на ЕУ, се множат дилемите и коментарите дали Брисел на сегашна Република Северна Македонија и на Албанија ќе им ја потврди одлуката за почнување на долгоочекуваните преговори со Унијата. Свое согледување за хронологијата на главните настани од идејата за ЕУ до последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија од минатата година, која всушност започнува уште во 2001 година, кога таа, како прва земја од регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, даде институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.

Па, така, во согледувањето, се потсетува како од регионален лидер Македонија стана еден од кочничарите на демократските реформи, со девет препораки за почеток на преговорите, без ниту еден конкретен датум од 2009 година наваму.

– Во 2005 година Македонија го доби статусот на придружена членка, а повеќе од една деценија, сѐ уште нема чист датум за преговори. Решавањето на проблемот за името се посочуваше како најважен фактор за влез на Македонија во Унијата. Но оттогаш сè повеќе проблеми се таложеа во извештаите од Европската комисија. Државата, наместо да се коригира по укажаните забелешки, постојано влегуваше во нови проблеми – се вели во текстот.

И по последниот документ на тимот предводен од германскиот експерт Рајнхард Прибе, според согледувањето, се мултиплицираа проблемите во повеќе области, меѓу кои судството, народниот правобранител, безбедносните служби, медиумите, изборите и корупцијата.

– Во исто време, Франција и Холандија заиграа непринципиелно во однос на идното проширување на Унијата и почнувањето преговори со Македонија, што се должи пред сѐ на потребата од додворување на тамошната јавност и од позиционирања пред мајските избори за Европскиот парламент. За крај, вистина е и дека Македонија беше жртва на Албанија и на агендата на Европската комисија (ЕК), која, и покрај политичките насоки на земјите-членки, упорно се обидува да турка земји во пакет во процесот на проширување, од што повторно е условен и ставен под прашалник датумот за почнување преговори, кој земјава го очекува на јунскиот самит на ЕУ – се додава во заклучокот од хронологијата.


Каде се другите

Црна Гора
Јасно се гледа дека Црна Гора и Србија најбрзо и најмногу напреднале на патот кон ЕУ. Овие две земји се единствени што ги започнале преговорите за членство во Унијата. Од вкупно 35 поглавја на преговорите, Црна Гора има затворено две, тековно преговара по однос на 24, а за преостанатите девет поглавја допрва треба да ги започне преговорите. И покрај тоа што се смета дека Црна Гора нема бариери во процесот поврзани со трети страни (спорови со други земји по определено прашање), сепак земјата се соочи со политичка криза пред парламентарните избори во октомври 2016 година. Покрај тоа, прашањата околу владеењето на правото и борбата против корупцијата ЕУ ги оценува како области каде што земјата бележи незначителен напредок.

Србија
Во меѓувреме, Србија преговара по 4 поглавја, а другите допрва треба да ги отвора. Во отворените поглавја влегува и поглавјето 35, Други прашања, каде што е спорот со Косово, односно неговото непризнавање од страна на Србија. Отворањето на другите поглавја не е тесно поврзано со поглавјето 35, меѓутоа очекувано е дека затворањето на ова поглавје ќе биде проблематично. Сепак, заради веќе почнатите преговори, кај овие две земји процесот на интеграција кон ЕУ има пореални димензии, односно значи дека ЕУ ќе мора конкретно да се заложи за решавање на проблематичните прашања.

Косово
Најголем застој во процесот на интеграција кон ЕУ има Косово, кое засега го нема потпишано Договорот за стабилизација и асоцијација како преостанатите поранешни југословенски републики. Разговорите на оваа тема траат од една до пет години. Сепак, имајќи предвид дека не сите членки на европското семејство го признаваат Косово, но и отворениот проблем со Србија, земјата може да заглави како последен кандидат што ќе се приклучи кон Унијата.

Босна и Херцеговина
Договорот за стабилизација и асоцијација за оваа земја е веќе ратификуван и потпишан, но тој не се имплементира, бидејќи властите не ја имплементираа пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2009 година. Тогаш судот одлучи против регулативите што им дозволуваат само на одредени етнички заедници да се кандидираат за лидерски позиции. Босна не е во можност да почне сериозна кандидатура за членство во ЕУ и во скора иднина ќе остане потенцијален кандидат.

Албанија
Албанија официјалниот кандидатски статус го доби пред приближно пет години. Добивањето на кандидатскиот статус зависеше од многу работи, меѓу кои и од политичките тензии меѓу партиите во државата. Европската комисија во 2012 година предложи Албанија да добие кандидатски статус под услов да се имплементираат клучни мерки. Официјална Тирана сепак не успеа навремено да ги расчисти политичките спорови, па тој статус го доби за две години, во 2014 година некаде во јуни. Во наредниот период Албанија и Република Северна Македонија очекуваат во јуни на самитот на ЕУ да биде потврдена одлуката за почнување на преговорите со Унијата.