Фото: Маја Јаневска-Илиева

Воздржаноста во изјавите на германската канцеларка предупредува на внимателност за големината на очекувањата, но поттикнува и на барање на значењето на зборовите за „следење различни патеки“ на Македонија и Албанија по започнувањето на преговорите. Што мислат експертите?

Главната скица на политичкиот амбиент во Македонија од почетокот на годинaва е одредена со очекувањето на парламентарните избори и надежта за поправна или утешна награда од ЕУ, во вид на доделување датум за почеток на преговори за членство во Унијата. Сепак, и понатаму преговорите за членство во Унијата претставуваат неизвесен предизвик, особено поради намерата на Франција за менување на методологијата за преговарање со новите земји- кандидатки. Од тој миг, Македонија се подготвува за избори, но и се очекуваат сигнали за надеж дека ЕУ, односно Франција попуштила во категоричноста за паузирање на проширувањето на Унијата.

Таквите надежи се бараат во секоја изјава на функционерите на Унијата и во оние на европските лидери. Така, неодамна германската канцеларка Ангела Меркел, по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ, изјави дека двете земји-кандидатки не треба да се одвојуваат, но дека би можеле да одат по одвоени патишта откако ќе ги почнат преговорите.

– Сметам дека Албанија и С Македонија припаѓаат кон истата група. Ги имаме Србија и Црна Гора, С Македонија и Албанија и, конечно, ги имаме Босна и Херцеговина и Косово – каде што имаме една поинаква ситуација. Затоа сметам дека доколку сме фер, двете земји треба да почнат преговори, но притоа да следат различни патеки, затоа што секој треба да биде оценуван според сопствените успеси – рече Меркел.
Меѓу другото, Меркел смета дека самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи во јуни во Загреб, е важен настан и вели дека доколку се отворат преговори со Скопје и со Тирана, тоа ќе биде „важен сигнал“.

Воздржаноста во изјавите на германската канцеларка предупредува на внимателност за големината на очекувањата, но поттикнува и на барање на значењето на зборовите за „следење различни патеки“ на Македонија и Албанија по почнувањето на преговорите. Сосема очекувано, нејзината изјава наиде и на различно толкување во домашната јавност

– Нема никаков новитет во изјавата на Меркел во врска со шансите за добивање на датумот за почеток на преговори со ЕУ. Таа само го реафирмира решението на Бундестагот од минатата година, дека Македонија и Албанија треба заедно да добијат датум за почеток на преговори, со тоа што нашата земја веднаш би ги почнала преговорите, додека на Албанија ќе ѝ бидат дадени дополнителни услови. Дури откако ќе почнат преговорите, секоја земја ќе го води процесот по своја патека. Но дотогаш, до датумот сме врзани во пакет со Албанија. Сепак, во овој миг и датумот е далечна перспектива и мора да се чека решението на Европската комисија за новата методологија за преговарање. И понатаму нема гаранции за добивање на датумот, а изјавата на Меркел е само охрабрување додека се чекаат новите одлуки на ЕК – вели Зоран Нечев, раководителот на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС.

Своевидната најава за одвоените патеки по добивањето на датумот за почеток на преговорите ги подгрева шпекулациите дека на Македонија ѝ се поголеми шансите да го добие датумот доколку не е врзана за Албанија. Дотолку повеќе што многу порано го има почнато процесот на усогласување на своето законодавство со она на ЕУ.

– Како земја што многу порано ги почна евроинтегративните процеси, Македонија подобро го има усогласено своето законодавство со европското отколку Албанија. И во процесот на преговори, доколку се почитува мерит-системот, Македонија би требало побрзо да напредува. Очигледно беше дека заостанувањето на Албанија во евроинтегративните процеси беше искористено од страна на Франција како изговор за кочницата што ја стави на процесот на проширување на Унијата. Сепак, ако си го поставиме прашањето дали ќе добиевме датум за почеток на преговорите и ако не бевме во пакет со Албанија, одговорот би бил – веројатно, не! Резервираноста на Франција во однос на проширувањето не е поттикната од нашите слабости, или пак на Албанија, туку повеќе од меѓусебното репозиционирање на моќта на земјите-членки внатре во Унијата. Уште е многу нејасно како ќе се одвива понатаму процесот на преговори со новите земји-кандидатки. На 29 јануари, Европската комисија најави дека ќе ја објави ревизијата на новата методологија за преговарање, но и тоа е далеку од конечно решение. Така што датумот за почеток на преговори за Македонија и понатаму е обвиен со неизвесност – проценува Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики од Скопје.