Најновите анкети на јавното мислење во Македонија покажуваат рекорден пад на поддршката кон ЕУ, која сега е околу 50 отсто, иако претходно никогаш не била помала од 70-80 отсто. Кои се причините македонските граѓани толку нагло и драстично да ја изгубат вербата во Унијата?

ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ И НЕИСПОЛНУВАЊЕТО НА ВЕТУВАЊАТА НА УНИЈАТА КОН МАКЕДОНИЈА ГО ЗЕДОА СВОЈОТ „ДАНОК“

Многубројните разочарувања што Европа ѝ ги приреди на Македонија изминативе години влијаеја врз довербата што македонските граѓани ја имаа кон Европската Унија, па некогаш безусловната поддршка за зачленување во европското семејство од година на година почна да се топи и да се претвора во евроскептицизам што забрзано се шири во општеството. Последната шанса што ЕУ ја имаше да го поврати разнишаниот кредибилитет кај Македонците беше започнување на пристапните преговори веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, но Брисел и тогаш, без оглед на дадените ветувања, не го испорача долго посакуваниот датум за Македонија, а новата блокада од Бугарија само дополнително ја урниса вербата во Европа кај македонските граѓани.
Најдобра потврда за падот на рејтингот на ЕУ се и резултатите од најновата анкета на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кооснован од ЕУ, кои покажуваат дека поддршката за пристапување во ЕУ во Македонија падна на 53 отсто, иако досега никогаш не била под 70 отсто.
Запрашани дали мислат дека членството во ЕУ ќе биде добра работа, лоша работа или ниту добра, ниту лоша работа за домашната економија, 53 отсто од испитаниците од Македонија одговориле дека ќе биде добра работа, 33 отсто дека ќе биде ниту добра, ниту лоша работа, а 11 отсто дека ќе биде лоша работа.

Сомнежи има и за тоа кога и дали воопшто земјава ќе стане членка на ЕУ, па високи 31 отсто не веруваат дека земјава некогаш ќе стане членка на Унијата, ист процент се надеваат дека европскиот сон би можел да се оствари до 2030 година, наспроти 21 отсто што оптимистички веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година.
Аналитичарите оценуваат дека причината за губењето на довербата во ЕУ е исклучиво во Брисел, кој не ги испочитува дадените ветувања кон Македонија, без оглед што земјава направи болни отстапки во спорот со Грција.
– Очекувано е таа поддршка за членство во ЕУ да опадне по второто вето што го стави Софија, блокирајќи ја преговарачката рамка за Македонија. Земјава предолго и во повеќе наврати е изложена на разочарувања и непринципиелни постапувања од ЕУ, без оглед на постојаните охрабрувачки пораки од претставници на другите земји-членки и нивни амбасадори тука. Бесперспективноста, односно уверувањето дека и не се гледа баш начин (или брзо решение) како тој пат ќе се откочи, логично, го зголемува и евроскептицизмот и ја намалува поддршката за членство на Македонија во ЕУ – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, ова на некој начин треба да биде и отрезнување на домашните политичари да почнат да работат на развој на државата, а не да повторуваат дека ЕУ е единствената алтернатива за земјава.
– Ова е добра лекција дека конечно сами треба да почнеме да ја развиваме државата и конечно да сфатиме дека имаме и знаење и сили за такво нешто. Доста ги слушавме мантрите на некои транзициски ликови дека „без ЕУ ни нема спас, ќе пропаднеме“. Се покажа дека во овие 30 години не пропаднавме, иако не сме дел од ЕУ, туку напротив, само ќе демонстрираме дека сме способни, подобни и пожелни за членство во ЕУ. Тоа е всушност и таа алтернатива (без ЕУ) што ја живееме веќе 30 години – истакнува Кржаловски.
Тој додава дека досега се пропуштиле многу шанси земјава да тргне самостојно на развојниот пат.

– За жал, се пропуштија многу шанси и досега, а и многу паметни луѓе одамна ја напуштија државата, а други не се нафаќаат да ја „оправат“ ситуацијата, па водењето на земјава се препушти на многу партиски медиокритети, што не дава многу надеж дека и алтернативнава ќе биде поуспешна – заклучува Кржаловски.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, изразува посебна загриженост од високиот процент на македонски граѓани што веруваат дека Македонија никогаш нема да стане членка на Унијата.
– Несомнено, долгиот период на стагнација во однос на пристапувањето во ЕУ го намали ентузијазмот на македонските граѓани во однос на нашето евентуално членство во Унијата. Особено загрижува бројката од некаде триесетина проценти од граѓаните што мислат дека никогаш нема да станеме членка на Унијата. Намалувањето на поддршката за членство загрижува бидејќи во иднина може да ги стави во втор план и активностите што се поврзани со европската агенда, а секако се потребни и за демократизација на државата – нагласува Кацарска.