Добивме недвосмислена поддршка од унгарските пријатели

359

Мицкоски по средбата со Орбан

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски е во Будимпешта на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан и министерот за надворешни работи Петер Сијарто, изјави дека добиле недвосмислена поддршка за евроинтегративниот процес на Македонија.

Утрото го започнавме со работен појадок кај министерот за надворешни работи господинот Петер Сијарто, а денот го продолживме на еден работен состанок со претседателот на владата и големиот пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. Разговаравме за актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, ги пренесоа нивните искуства во справувањето со пандемијата која иста така се чувствува и овде во Унгарија.

Истовремено зборувавме за блокираниот пат на Македонија во рамките на Европската Унија, и нашите домаќини го споделија нивното искуство како течеа преговорите кога Унгарија практично стануваше членка на Европската Унија.

Од страна на домаќините беше уште еднаш реафирмирана недвосмислената поддршка за Македонија, за македонскиот народ, за граѓаните на Македонија и недвосмислената поддршка во евроинтегративниот процес да Македонија еден ден биде членка на Европската Унија.

Да напоменам дека еврокомесарот за проширување господинот Оливер Вархеи потекнува токму од нашата сестринска партија Фидеш. Ги продолживме разговорите за внатрешните случувања во рамките на ЕНП (Европската народна партија), се согласивме и го поздравивме изборот на новиот претседател на нашата сестринска партија ЦДУ во Германија и очекуваме плодна заедничка работа помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ и Фидеш и ЦДУ, истакна Мицкоски.