„Длабоката историографија“ на бугарската држава

1079

До кога официјална Софија ќе ги затскрива историските факти што не ѝ одговараат?

Дали бугарските историчари, кои би требало да оперираат со историските вистини и факти, ќе ги потврдат тезите на политичарот Георгиевски, втемелени на документи од бугарската историографија, а кои се дијаметрално различни од официјалните бугарски ставови? До кога бугарската историја ќе ги затскрива и ретушира историските вистини за Македонците и за Македонија? Дали бугарските историчари ќе се охрабрат да објават историски вистини изворно и директно, а не со „пробни балони“ преку политичари? Сите овие прашања остануваат отворени, но за нив малку зборуваат историчарите и во Македонија и во Бугарија

Станува сѐ поочигледно дека бугарската историографија крие историски факти што не им одат во прилог на официјалните ставови на Софија во врска со Македонија. И досега, одвреме-навреме во бугарските медиуми ќе излезеше став на тамошен интелектуалец, со тези втемелени на факти од бугарската историографија што се спротивни на официјалните на Бугарија, но таквите истапи брзо беа забошотувани. Изворите на таквите тези биле пронаоѓани во историските записи и сведоштва токму во бугарските историски архиви. Но до ден-денес голем дел од нив е под ембарго во бездните на длабоката бугарска историографија, тесно поврзана со мрачната политика спрема Македонија.
Најсвежиот пример во овој контекст е по последната изјава на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, дадена во бугарските медиуми, дека први што зборуваат за посебна македонска нација се токму бугарските комунисти, многу пред појавата на Тито на политичката сцена на Балканот.
Дали бугарските историчари, кои би требало да оперираат со историските вистини и факти, ќе се охрабрат да ги потврдат тезите на политичарот Георгиевски, втемелени токму на документи од бугарската историографија, иако тоа е дијаметрално различно од официјалните бугарски политички ставови?

Има ли и други историски вистини што остануваат заробени во архивите, само за да не се користат како негирање на постојните тези на бугарските историчари и политичари?
Сите овие прашања остануваат отворени, но за нив малку зборуваат историчарите и во Македонија и во Бугарија.
Поранешниот премер Љубчо Горгиевски минатата недела, народски речено, „со нивни камења, по нивна глава“, отворено им порача дека историска невистина, според бугарската историографија, е дека македонската нација е вештачка творба на Тито, обелоденувајќи историски податоци во Бугарија дека токму бугарските комунисти многу пред тоа први зборуваат за посебна македонска нација.
– Прва за „македонизмот“ се залага Бугарската комунистичка партија (БКП). Првиот што важи за основач на современата македонска историографија е Васил Ивановски. Тој е член на ВМРО-обединета, а потоа и на БКП и тој е основач на весникот „Нова Македонија“. Во Македонија е до 1945-1946 година, потоа се повлекува во Бугарија и до 1991 година живее во Бугарија. Тој е првиот што ја изнесува тезата дека Самуиловото Царство е македонско царство. Вториот е комунист од Пиринска Македонија, за кого во моментот не ми текнува името, а третиот е Павел Шатев.

Значи, тоа нема врска со Тито, бидејќи тој доаѓа на функција во 1940-тите години, а тезата за самостојна македонска нација и македонски јазик почнува со ВМРО-обединета во 1924 година, во 1934 година комплетно се формализира и ако ги погледнете текстовите на српските комунисти и на бугарските комунисти, ќе видите дека таа теза српските комунисти ја примаат технички, а бугарските – со многу жар, со многу љубов и со многу волја пишуваат за македонска нација и македонски јазик. Така што, темни петна има и во бугарската и во македонската историја, но таа не смее да се симплифицира – вели Георгиевски.
Малкумина од македонските историчари што сакаат да коментираат на оваа тема велат дека е несомнено оти Георгиевски е добар познавач на македонската и бугарската историја.
Д-р Драган Зајковски, професор од Институтот за национална историја во Скопје, смета дека живееме во едно длабоко исполитизирано општество, а политизираноста се чувствува во сите сегменти од општеството, вклучувајќи и меѓу историчарите. Затоа, историската вистина е прва жртва на политичките притисоци.
– Историјата уште во 19 век ја дефинирала својата научна методологија на работа, која секој историчар, но и оној што сака да се занимава со наука мора строго да ја почитува. Последново за да се приближи до историската вистина и правилно да ги осознае не само историските факти туку, многу поважно, да ги дефинира историските процеси – посочува професорот Зајковски.

Професорот е убеден дека историските извори не се проблемот, туку нивното затскривање во архивите, начинот на читањето и толкувањето, што се става во функција на политиките.
– Во бугарската историска наука има навистина одлични познавачи на историските процеси на Балканот и пошироко. Убеден сум дека историските извори не се проблем. Проблем е начинот на кој истите тие се читаат, односно толкуваат. Особено е опасно доколку историјата и историските факти се стават во функција на дневната политика. Тогаш историјата станува инструмент на политиката, најчесто онаа националистички расположена, и тоа е она што е особено опасно. Средниот век, 19 век, Балканските, Првата и Втората светска војна се завршени историски процеси. Историјата не можеме да ја вратиме назад. Единствено можеме и мораме вистински и со научни аргументи да ја толкуваме. Сепак, и во Бугарија има и исклучително храбри и слободоумни историчари, антрополози, лингвисти, културолози и др. одлични познавачи на историските процеси.

Една таква поголема група неодамна излезе со Декларација против Меморандумот на официјалната бугарска политика во врска со почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ. И тие воопшто не се малку и воопшто не се тивки – објаснува историчарот.
Инаку, во интервјуто Георгиевски укажува и дека ставањето вето за македонската интеграција во ЕУ од официјална Софија ќе биде катастрофална грешка, која нема да има импликации само во односите меѓу двете земји и народи туку и во регионален контекст.