Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еден од „спорните моменти“ што се појавија во јавноста, во врска со референдумот, беше дали дијаспората треба и дали може да се изјаснува на референдумот. Пријавувањето за изјаснување на референдумот во дијаспората ќе се спроведува од 9 до 23 август, велат од ДИК

Веќе десетина дена Македонија е соочена со реалноста на распишаниот референдум, на кој оние што живеат во земјава, но и од дијаспората би требало на 30 септември да се изјаснат со „за“ или „против“ на прашањето: „Дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Референдумот во Собранието беше изгласан со 69 гласа „за“, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето, со што сосема илустративно беше пресликана поделеноста во македонската јавност околу прифаќањето на спогодбата од Мала Преспа, која е всушност најспорниот дел во референдумското прашање. Со распишувањето на референдумот не се разјаснија ниту многуте уставноправни недоумици што се наметнаа во македонското општество по потпишувањето на спогодбата во Нивици. Притоа, во брзањето, се чини беа пренебрегнати многу сѐ уште важечки уставни и законски одредби. Како и да е, веќе течат роковите од 60 дена, од моментот на распишување на референдумот (30 јули), до денот на негово одржување – 30 септември, за кој е одлучено да биде консултативен што, според премиерот Заев, значи дека ако не се добие посакуваниот резултат, т.е. ако не биде постигнат законски предвидениот одзив, одлуката ќе ја донесат институциите.

Според повеќемина аналитичари и проследувачи на политичката состојба во Македонија, но и на оние што го изгласаа референдумот, постигнувањето на цензусот ќе биде најголемиот предизвик.

– И покрај многуте недостатоци што ги содржи договорот за името што го постигнаа Македонија и Грција, тој сепак дава надеж дека многу билатерални спорови што продолжуваат да го мачат целиот регион, можат да бидат решени со дијалог и со политичка волја. Како и во случајот на Северна Ирска, потпишувањето е најлесниот дел. Најголемиот предизвик за Македонија ќе биде да покаже дека договорот ја отвора вратата за помирување со Грција, врз основа на еднаквост и дека тој овозможува почнување преговори за пристап во ЕУ и во НАТО. Владата сѐ уште не ја убедила јавноста дека тоа е така – смета Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија.

Од друга страна, новоформираната Државна изборна комисија веќе активно е ангажирана во организацијата на референдумот. Во текот на вчерашниот ден беше одржана седница на која беа разгледани десет точки во насока на спроведување на референдумот, пред сѐ од финансиски аспект, но и за усвојување на образецот за пријава за гласање во странство. Имено, еден од „спорните моменти“ што се појавија во јавноста, во врска со референдумот, беше дали дијаспората треба и дали може да се изјаснува на референдумот. Од друга страна, пак, лидерот на ДУИ, Али Ахмети во една пригода дури и изјави дека ќе ја организира албанската дијаспора да дојде на гласање и да ги „спаси“ цензусот и референдумот.

– Изјаснувањето на дијаспората за референдум се спроведува по исти принцип како за избори. Доколку има повеќе од 10 пријавени гласачи, се организира гласање во сите дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија, каде што е покажана таква заинтересираност. Пријавувањето се врши со пополнување на образецот за пријава за гласање во странство во дипломатско-конзуларните претставништва или по електронски пат во ДИК. Оние пријави што се поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва, преку МНР ќе бидат доставени во ДИК, па по констатирање на бројноста на заинтересираните за изјаснување во дијаспората ќе биде организирано гласање. Пријавувањето за изјаснување на референдумот во дијаспората ќе се спроведува од 9 до 23 август – објаснува портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

За разлика од ентузијазмот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за успех на референдумот со организирање за гласање на албанската дијаспора, најголемиот дел од македонската дијаспора, и со декларации и со активност на социјалните мрежи, се изјаснува за бојкот на референдумот.
– Дијаспората дефинитивно е за бојкот на референдумот. Се разбира, не ограничуваме никого да го искористи своето право на изјаснување за референдумот, но според контактите што ги имаме со дијаспората и во Австралија, и во Европа, како и во Америка, мнозинството ќе одлучи за бојкот – вели Ана Дуковска од Вашингтон (САД), глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“.

Дуковска вели дека движењето на македонската дијаспора „Ние сме Македонија“ својот став против референдум за менување на името на Република Македонија го има запишано и во нивната декларација, од 14 јануари оваа година. И на денот кога Собранието на Р. Македонија го изгласа референдумот тие излегоа со соопштение дека се против неговото одржување и ќе ги повикаат своите членови и поддржувачите да го бојкотираат. Притоа, таа сака да го дистанцира движењето „Ние сме Македонија“, кое на социјалните мрежи уште од објавувањето на идејата за референдум спроведува кампања со хаштагот „#Бојкотирам“, од неодамна потпишаниот меморандум на 28 невладини организации од Македонија, кои настапуваат под мотото „Македонија бојкотира“.

– Нашата кампања против референдумот за менување на името на Р. Македонија почна многу порано, пред потпишувањето на меморандумот на овие 28 невладини организации. Ние дејствуваме независно од дијаспората, уште од објавувањето на декларацијата на „Ние сме Македонија“, на 14 јануари, годинава – вели Ана Дуковска.