Димовски на местото на Ѕинго на чело на Социјалистичката партија

139

Пратеникот Љупчо Димовски е избран за нов претседател на Социјалистичката партија, на денешниот конгрес, кој се одржа во Кратово. Тој доаѓа на местото на Љубисав Иванов – Ѕинго, кој 25 години беше претседател на социјалистите, а почина во ноември, минатата година.

Димовски е поранешен министер за земјоделство во една од владите на ВМРО-ДПМНЕ, и е еден од петтемина пратеници кои беа обвинети, а потоа амнестирани за насилствата во парламентот на 27 април.

Димовски е дипломиран економист. Роден е во Велес на 9 април во 1959 година. До 2008 година работи како генерален директор на ЈП „Паркови зеленило“-Скопје. До 2009 е заменик министер за транспорт и врски, а потоа до 2014-та е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од 2014-та, Димовски е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски меѓу првите му го честиташе на Димовски изборот за претседател на Социјалистичката партија.

– Честитки за изборот на Љупчо Димовски за прв човек на СПМ. Вистинско решение. Чесен и искрен човек кој ја сака и покажа како се бори за Македонија и покрај сите напади и бури! Љубац, пријателе, заедно да го победиме ова зло и да се избориме за Македонија, до самиот крај! – порача Мицкоски.