Димитров: Уставните измени се задача на Собранието

122

Уставните амнадмани не се напишани ниту се преговарани. Нив ќе ги формулира Собранието на Република Македонија со големо двотертинско мнозинство, со јавна дебата, со расправа по комисии. Тоа е процес со цврсти рокови утврдени во деловникот на Собранието, рече шефот на дипломатијата Никола Димитров на прес-конференцијата во Владата за појаснување на сите аспекти од Договорот со Грција.

Тој ги појасни поентите на четирите уставни амндмани.

– Првиот се однесува на географската одредница северна кон името Македонија. Втортиот се однесува да не ги чепкаме границите, уште поголем чекор од немање територијални претенции што е дел од спогодбата. Ниту Грција кон нас има територијални претензии ниту ние кон нив. Грижата за припадниците на македонското малцинство во соседните земји ќе се прошири на грижа за правата на целата дијаспора на РМ во целиот свет. И конечно во делот на преамбулата нема да се чепка ништо во делот на државно-правниот наратив кој почнува од Илинденското востание, преку АСНОМ до референдумот за независност од 1991 година, туку ќе ги конкретизира, поединечно ќе ги наведе конститутивните одлуки на АСНОМ. Тоа се поентите. Формулациите не постојат ниту се преговарани, бидејќи тоа е наша работа, на Собраниоето – рече Димитров.

Одговарајќи на новинарско прашања во врска со амандманите тој уште еднаш подвлече дека тоа е работа и задача на Собранието, кое го отвара процесот со минимум 80 пратеници, а текстот се гласа со помало мнозинство.

Запрашан дали може да се обезбеди мнозинство за уставните амандмани и кога тој процес треба да заврши шефот на дипломатијата рече дека тоа зависи од граѓаните.

– Сите велат клучот е кај граѓаните. Ние сме вака во чекалната со години. За НАТО сме од 2008, иако тој пат го одиме од 93-та веќе 25 години. Кандидати сме за членство во ЕУ од 2005 година. Еве ја вратата еве го клучот. На 30 септември шест дена од денеска сите заедно треба да решиме, не како партии, не како Влада, не како опозиција, сите заедно граѓанството, македонскиот народ, деловите од други народи што живеат со нас – ќе го употребиме тој клуч или не. Колку повеќе луѓе ќе речат да, сакаме да одиме напред, сакаме да влеземе во НАТО, тоа ќе ни донесе стабилност, ќе ја завери нашата државност, ќе созаде подобри услови за успешна Македонија, толку полесен ќе биде политичкиот процес во Собранието, каде што ќе треба да се формира мнозинство од 80 пратеници – рече Димитров.

Додаде дека власта работи на тоа тој процес со такво мнзоинство за четирите уставни амандмани да заврши до крајот на оваа календарска година, односно заклучно со крајот на декември.

Појаснувајќи го прашањето во врска со идентитетскиот концепт од членот 7, Димитров рече дека тој содржи разлики во однос на припадноста и на културното наследство при употребата на терминот Македонец.

– Кога Грк во Солун или во Атина ќе каже ама и ние сме македонци, мислат на друг концепт. Тоа го кажува членот 7. Кога ние ќе кажеме „јас сум Македонец“ мислиме на нашиот државно-правен и историски наратив. Тоа е наратив кој што почива на два столба и кој е резултат на еден цел историски процес. Клучните во нашиот се 1903, 1944 и 1991 година. Се разбита дека тоа е процес што почнал многу порано. Никој не може нас во 21 век да ни спори право на самоопределување или самоидентификација – рече министерот Димитров.

Тој нагласи и дека во договорот нема ниту еднаш придавка северномакедонска, северномакедонски, туку има само македонско.

– Дистинкцијата меѓу нашата и нивната Македонија е со географската одредница северна. Таа географска одредница не може нас да не смени кои сме. Тоа го кажува членот 7. Ќе има работа бидејќи договорот е текст. Ќе треба да се реагира, ќе има грешки како што имаше грешки и досега. Факт е дека со ова ние растеме, расте и Грција – рече министерот за надворешни работи

Димитров меѓу другото појасни во однос на референдумот дека не е правен услов во договорот. Во него се споменува референдум, а тој е, вели, политичка заложба и ветување и на СДСМ во изборната програма и на ВМРО-ДПМНЕ од 2005.

– Во последната програма на ВМРО-ДПМНЕ со која излегоа на изборите во 2016 -та не постои цензус. Таму вели ако има договор на маса ќе ги прашаме граѓаните и ако мнозинството кажат „да“ ќе го потврдиме тој договор. Во програмата на опозицијата 27 години немаме договор. Прв пат имаме на маса, заштитуваме тоа што е најважно – кои сме. Тие од 2005 викаат референдум, дојдовме до тој ден. Референдумот ни е за шест дена и гледајте ни ја ситуацијата. Време е за ова прашање да се обединиме – нагласи Димитров.

Според него, легитимација на референдумот ќе биде големо мнозинство, а тука, вели, индикатори ќе бидат мнозинствата од претходни изјаснувања на граѓаните на претходнитепарламнетарни избори, но рече, не може да каже конкретна бројка.