Димитров: Убеден сум дека референдумот ќе успее

35

Убеден сум дека референдумот ќе успее, бидејќи ние секогаш кога имаме крупна историска раскрсница избираме мудро и мислам дека така ќе биде и во овој случај, ова го рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на тркалезната маса „Евроатлантска иднина за Македонија?”.

Референдумот, како што посочи тој, е политичка легитимација на правецот по кој ние мислиме дека треба да одиме.

– Решивме храбро, искрено и отворено да им погледнеме во очи на проблемите. Успеавме да затвориме еден спор што не влече назад три децении и да ги отвориме вратите кон иднината. Се работи за нашата стабилност и безбедност, за нашата финансиска благосостојба и за пристап до најдобрата алатка за реформа што постои, а тоа се пристапните преговори со ЕУ. Решението е тука, до сите нас како граѓани е да одлучиме дали ќе одиме напред кон иднината и интеграциите или ќе одиме назад кон изолација, рече Димитров и додаде дека нема друга алтернатива за патот напред.

Многу важно е, како што истакна министерот, што успеавме во овој компромис да го сочуваме она што ни е најважно, а тоа е идентитетот и идентитетските прашања.

– Многу е важно оваа втора шанса на нашата генерација да се затрчаме и да  го фатиме возот, додаде Димитров.

На прашање дали може да се очекуваат нови избори доколку договорот не добие поддршка, Димитров рече дека сето тоа е второстепено во однос на одлуката што треба да се донесе на референдумот.

– Мислам дека од аспект на влогот што го имаме со референдумот се друго е многу маргинално. Изборите имаат врска со партии кој е на власт, кој е во опозиција, а пред нас е едно многу важно прашање кое е за иднината на Македонија и за иднината на сите нас, рече Димитров.

Во однос на тоа што опозицијата не го соопштува својот став околу референдумот, Димитров рече дека историските одлуки бараат чесен однос кон граѓаните и одговорност.

– Не сите граѓани можат да проценат геополитички во каква состојба е Балканот и кои се можните компликации ако ние не успееме и ако се вратиме во чекалната и што ќе биде со Македонија за пет или 10 години од денес, истакна Димитров.

Тркалезната маса е во организација на Институтот за европска политика, Институтот за демократија „Социетас цивилис” и Центарот за економски анализи, а во соработка со Аспен институтот од Берлин.