Димитров: Собранието да реши дали ќе ја следи волјата на народот

78

Собранието треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на вчерашната дебата „Билатералното на Балканот: регионалните импликации на билатералните спорови“, организирана во рамките на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.

– Одзивот на референдумот беше приближно 37 проценти и, иако имаме Изборен законик што предвидува цензус, сепак 609 илјади граѓани, или над 91 процент, кажаа „да“. Тоа е мнозинството и тие сакаат Македонија да оди напред – да се усвои договорот со Грција, да се приклучиме кон НАТО и да почнеме пристапни преговори со ЕУ. Следуваат разговори во парламентот. Ни претстои историска одлука. Нашата реалност е дека не може да го заобиколиме спорот за името на патот кон НАТО и ЕУ. Парламентот треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот. Ова е клучот. Ако сакаме напред, треба да го искористиме овој клуч – рече Димитров.

Според него, единствен пат кога повеќе граѓани се изјасниле „за“ на некои избори биле оние во 1994 година, кога Киро Глигоров беше избран за претседател на државата.

Димитров, меѓу другото, истакна дека брзи предвремени парламентарни избори се последна опција.