Димитров: Се надевам на чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ

1367

Се надевам дека ќе имаме чиста препорака за отпочнување преговори за членство во Европската унија(ЕУ), порача вечерва шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, во обраќањето пред учесниците на регионалната конференција по повод 10-годишнината од формирањето на Европскиот фонд за Балканот што се одржува денеска и утре во Белград.

Тој нагласи дека едвај чека да го прочита извештајот на Европската комисија(ЕК), кој треба да биде објавен утре.

– Во последниот извештај на Фридм хаус за нациите во транзиција беше наведено дека Македонија е земја, кај која е забележан најголем демократски пробив во Европа. Беше кажано земјата е мала, но можностите се големи, што двојно го зголеми моето ниво на адреналин и ентузијазам – рече Димитров.

Според него, на интегрирањето во ЕУ треба да се гледа регионално и оти земјите треба да бидат свесни за нивната меѓусебна поврзаност.

– Невозможно е Македонија да биде среќно место, успешна и стабилна демократија, доколку и Србија не е таква земја. Невозможмо е да имаме регион во кои сите одвреме навреме се сомневаат во иднината и функционалоста на БиХ. Сите заедно сме во ова и колку побрзо го сфатиме тоа, полесно ќе ни биде да ги решиме проблемите и да им покажеме на европските пријатели дека сме нивни партнери – порача Димитров.

Додаде дека земјите од регионот често пати сакале да бидат жртви и да ги обвинуваат другите за нивните прашања.

– Виновни ни се соседите, Брисел, никој не нè сака. Сè е во наши раце, никој не кажа дека градењето на европската демократија е лесно – нагласи шефот на македонската дипломатија и додаде дека регионот треба да го фати возот кој се движи во насока на евроинтеграцијата.

За време на настанот е предвидено е Димитров да оствари и неколку билатерални средби со реномирани учесници на конференцијата.