Димитров – Палмер: Поддршка од САД за Договорот од Преспа и членство во НАТО и ЕУ

214

Евроатлантските перспективи на земјата, како и актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот биле тема на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој престојува во работна посета на земјата.

Како што соопшти МНР, министерот Димитров упати благодарност за континуираната американска поддршка на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој, се додаде, нагласи дека граѓаните на Република Македонија, иднината на својата земја ја гледаат во евроатлантското семејство и изрази уверување дека успешно ќе го изодиме патот кон заслуженото место во НАТО и во Европската унија.

Димитров и заменик помошникот државен секретар Палмер, разговарале и за тековните аспекти на процесот на пристапување на Република Македонија во НАТО, како и за неодамнешниот прогрес во однос на постапката за уставните промени во Парламентот, со цел успешна имплементација на Договорот со Грција и зачленување на Република Македонија во Алијансата како нејзина 30-та земја-членка, стои во соопштението.