Димитров: Информираноста на граѓаните за договорот ни е најважна

154

Од идниот четврток еднаш неделно на „Прашајте го министерот“, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ќе одговара на директни прашања од граѓаните во врска со Договорот и претстојниот референдум за името на државата. Во интервју во Дневникот на Телевизија 24, министерот рече дека преку жива снимка на социјалните медиуми неколку дена ќе собираат прашања и потоа еднаш неделно, во четврток, ќе одговара на нив.

Димитров рече дека се уште не знае колку ќе чини организирањето на референдумот, но поважно од тоа, рече, е на граѓаните да им се објаснат основните елементи и придобивките од потпишаниот Договор со Грција. Ги повика граѓаните да го прочитаат Договорот достапен на веб-страницата на Владата (њњњ.влада.мк) зашто анкетите покажале оти мал број ја знаат неговата содржина. Објаснувањето го смета за своја должност зашто тој е потписник на Договорот, а неговото поддржување го смета за национална и генерациска обврска во зацврстување на државата и идентитетот.

– Моја должност е да направам се што можам да го објаснам и да им објаснам на граѓаните, зашто пред нас е една историска раскрсница, а одлуката е наша. Зашто влогот е огромен, пред нас е многу одговорна одлука – каде сакаме да ни биде Макдонија во слкедниот период, истакна Димитров, нагласувајќи дека е тешко државата да опстои и да се развива напред ако не е во сојузите ЕУ и НАТО. Особено затоа што во регионот, како што рече на северот од Македонија, деновиве се зборува за граници.

Повтори дека со прифаќањето на Договорот, името на државата ќе биде Република Северна Македонија, за што ќе треба да се отвори Уставот, државјанството ќе гласи: македонско/граѓанин на Северна Македонија, химната останува непроменета, јазикот останува македонски.

– Етнички, како народ – македонски народ, Македонци што зборуваат македонски јазик. Стравот кај нас од географска одредница кон името Македонија бил – дали тоа нас ќе не смени. Тоа што ние успеавме експлицитно другата страна да го прифати – нашето право за самоопределување – ќе значи дека ќе може и во ЕУ македонскиот јазик да биде македонски јазик, да бидеме Македонци. Ставаме една точка на дилемите и предизвиците дали сме прифатени и оспорувани. Мислам дека има многу заблуди и магла и треба многу објаснувања за да се расчистат, рече Димитров во интервјуто за Телевизија 24.

Во врска со разликите што за ова прашање ги има ВМРО-ДПМНЕ, Димитров рече дека не се работи за прашање на ниедна партија, ниту е прашање на Владата, туку е прашање за иднината на државата, нејзиното зачленување во НАТО, почеток на преговори со ЕУ ми останување на младите во државата.

Во врска со именувањето на Договорот како „таканаречен“ од страна на опозицијата, Димитров рече дека треба да се има елементарна одговорност и реалност за тоа што се зборува во јавноста во, како што рече, ваква историска година. Рече дека додека сегашната опозиција била на власт исклучително ги искомплицирала односите со Грција, создала наратив дека „никој не не сака“ а идентитетот, рече. го бранеле на плоштадот во Скопје.

– Луѓе што преку антиквизација додадоа еден куп аргументи на негативните политички сили во Атина, коишто не се заинтересирани ова прашање да се реши, и го искомплицираа многу проблемот, меѓу другото изгубивме симпатии и пријатели со таа политика. Луѓе кои толку не пикнаа во дупка, што ние немавме стартно рамна позиција во јуни 2017 година, рече шефот на македонска дипломатија, нагласувајќи дека најважно е по многуте пропуштени шанси, да се симне тегот што државата ја влече надолу и да се тргне напред заедно со другите земји.

Во врска со противењето на Договорот од страна на лидеорт на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Димитров посочи дека легитимно е да се има став и да се аргументира но, рече, не може да кажете: јас сум за ЕУ и за НАТО, а да сте против Договорот и да не нудите друг пат.

– Процени ги овие работи – дали сакаш да одиме напред или да се вратиме во чекалната. Излези и гласај. Негласањето е бегање од личната и општествената одговорност. Граѓаните суверено да одлучат за ова прашање. Да се бојкотира својата иднина, својата држава, својата Македонија, е кукавичлук. Мора со визија и патриотизам да пристапиме кон ова прашање, рече Димитров.

Одговорноста, според него, е и во држењето на Македонија во заложништво за да има, како што рече, неказнивост, или амнестија или менување на Кривичниот законик за да има застареност за делата во 2015 година.

– Ако барате неказнивост, треба да бидете против ЕУ и против НАТО. Во заклучоците во јуни, Европскиот совет ги потврди заклучоците дека Македонија мора правно да обезбеди одговорност за наводите за криминалот во 2015 година што се добија преку прислушуваните разговори. Мора да има правна одговорност за нападот врз Собранието во април 2017-та. Вие не можете да велите јавно јас сум за ЕУ, а да имате став што и од далеку замирисува на амнестија, промена на казните за да има застареност на тие дела итн. Тоа е неодговорно, рече Димитров

Во врска со ставот на Русија кон аспирациите на Македонија за влез во НАТО и дали имало руско влијание да не успее тој процес, Димитров одговори дека според изјавите што стигнуваат оттаму, политичкиот став е јасен.

Определбата за НАТО е трасирана, рече, со Декларацијата во Собранието од 1993 година и пристапувањето во тој сојуз е начин да се извлечеме, како што рече, од џебовите на несигурност на Балканот.

– Тоа не е чин против Руската Федерација. Ние имаме блиски култури, се цениме едни со други, ние сме многу помал народ, сеедно. Но ова е наша одлука, одлука на нашпиот народ. Огромен дел од нашите граѓани сакаат Македонија да влезе во НАТО и наша обврска е тоа да го испорачаме, истакна Димитров во интервјуто за 24 Телевизија.