Димитров во Минхен: Европа треба да ги интегрира земјите што се насочуваат кон европскиот модел

70

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Минхен го почна своето учество на Минхенската безбедносна конференција со обраќање на панел-дискусијата „Градење општествена издржливост во европското соседство“.

Димитров во своето излагање се осврна на потребата од инклузивност на европската политика во регионот, за кој нагласи дека е несомнено дел од Европа.

– Заслужената позитивна одлука за почеток на пристапни преговори ќе биде валидација за досегашните напори на Северна Македонија, но и истовремено потврда за кредибилноста на Унијата – порача македонскиот министер.

– Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа, туку и курсот на своето политичко дејствување го насочуваат кон европскиот модел – истакна Димитров.

Министерот Димитров ќе биде дел и од тркалезната маса насловена „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на Западен Балкан напред“ која се одржува денес попладне, а на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со Јоханес Хан, еврокомесар за буџет и администрација, со својот грчки колега Никос Дендиас, како и колегата од Малта, Бартоло Еварист.

Првиот ден од учеството на Минхенската безбедносна конференција се заокружува со работна вечера организирана од претседателот на Светскиот економски форум – Борге Бренде, каде почесен гостин ќе биде американскиот државен секретар Мајк Помпео.