Димитров: Веќе не сме сами, туку со 29 сојузници

816

Дваесет и деветте земји-членки на Северноатлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа протоколот за членството на Македонија во НАТО, на официјалната церемонија на која присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Ова е историска пригода. Лидерите Заев и Ципрас покажаа визија и храброст преку посветеноста за решавање на спорот, придонесувајќи за безбеноста и стабилноста. Договорот од Преспа го означи првиот чекор на патот што не донесе тука. Ова не беше лесен пат, туку исполнет со предизвици. Долго време чекавме да се придружите на нашето семејство, придонесувавте во операциите на НАТО и работевте на реформи кои ќе овозможат да станете 30-та членка на Алијансата. Сигурен сум дека процесот ќе се одвива без потешкотии, а НАТО ќе пружа поддршка. Од денес вашите претставници ќе се придружат како поканети гости на состаноците на НАТО. Ќе учествувате во носењето заеднички одлуки со нас. Ги делиме истите вредности за слобода, демократија и за човекови права. Денешниот настан покажува дека вратата на НАТО останува отворена за демократиите кои ги прифаќаат одговорностите што ги носи членството – истакна Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО.

Димитров посочи дека Македонија поминала долг пат до потпишувањето на протоколот за пристап, како и дека е подготвена за обврските што ја очекуваат во НАТО.

– Многу сум емотивен. Ова беше долг пат. Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија во согласност со договорот од Преспа. Со ова го исполнивме ветувањето на пратениците од првиот состав на парламентот дадено на 23 декември 1993 година, кога беше посочено дека НАТО е наша стратешка цел. Ова е резултат на работата на повеќе генерации и обврска на нашата генерација. Остварувањето не делуваше веројатно, туку се должи на лидерството на Зоран Заев и на Алексис Ципрас кои го поплочија патот кон помирувањето и докажаа дека невозможнотото е возможно. Го поздравувам и бугарскиот премиер Бојко Борисов поради договорот за добрососедство, што исто така придонесе за овој чин. НАТО за нас е семејство на држави кое ќе овозможи стабилност и безбедност, кое тежнее да го направи светот помирно и подобро место. Созреавме на овој пат. Ќе ги преземеме обврските, ќе се соочиме со проблемите. Во текот на наредните денови ќе го решиме и последниот спор со соседите. Ќе имаме смирувачка улога во регионот што се соочува со одредени несигурности. Патувањето не е завршено, но веќе не сме сами, туку со 29 сојузници. Ќе работиме на реформите за нашата армија да биде во согласност со стандардите на НАТО. Државата е силна колку и армијата, институциите и пријателите што ги има. Од денес, мојата држава е многу силна – кажа Димитров.

Од денеска, Македонија ќе може да присуствува на сите клучни формати на Алијансата, но нема да има право на глас, ниту ќе може да учествува во најдоверливите и најчувствителните состаноци, сѐ додека не се стекне со потребното знаење и искуство. По денешното потпишување, почнува процесот на ратификација на протоколот од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО, процес кој може да трае до година и половина. М.Ж.


Пристапувањето објаснето со реплика од „Лоренс од Арабија“

Министерот за надворешни работи Никола Димитров го објасни значајот од пристапувањето на Македонија во НАТО со реплика од познатиот филм „Лоренс од Арабија“ која гласи „ништо не е напишано додека не го напишеме. Можеме да ја смениме нашата судбина и да ги искористиме можностите“.