Димитров: Важна е поддршката од нашите билатерални партнери

66

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Сибил Зутер Техада.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарија, кои низ годините се карактеризираат со искрено пријателство и разбирање.

Вицепремиерот Димитров истакна дека високо ја цени континуираната поддршка што Швајцарија ја дава во процесот на нашите европските интеграции, при што изрази задоволство што голем дел од проектите финансирани досега од страна на Швајцарија ги поддржуваат приоритетите на Владата во процесот на пристапување во ЕУ.

– Во ова клучно време во процесот на интеграција во ЕУ, од исклучителна важност е поддршката од нашите билатерални партнери. Врвен приоритет на Владата и на нашите билатерлни партнери во периодот кој следи останува остварувањето на реформските приоритети. Очекувам билатерлната развојна соработка помеѓу двете земји да се движи во иста насока, имајќи ја предвид тесната корелација на двата процеси – потенцираше Димитров.

Во овој контекст тој изрази надеж дека ќе се интензивира соработката помеѓу амбасадата на Швајцарија и Секретаријатот за европски прашања, како институција задолжена за координација на странската помош во земјава во наредниот период.

Амбасадорката Техада додаде дека програма за развој на Швајцарија во наредниот периодот ќе претставува континуитет на досегашната и ќе се фокусира на поддршка на реформите за исполнување на европските стандарди во земјата, градењето на социјално-инклузивна демократија, како и пазарна економија, истовремено обезбедувајќи одржливо управување со природните ресурси и истата е во корелација со националните развојни политики и стратегии.