ДИК поништи гласање на повеќе избирачки места поради вишок ливчиња

719

Државната изборна комисија го поништи гласањето на повеќе избирачки места затоа што во гласачките кутии имало повеќе гласачки ливчиња од бројот на гласачи во избирачкото место. Од шест приговори, гласањето е поништено на три избирачки места, две во Кавадарци и едно во Куманово. ДИК исто така донесе и одлука да ги разреши избирачките одбори на овие места.

-Направени се обуки кои траеа цел месец, но очигледно не се почитуваат процедурите и не се работи професионално. Апелирам избирачките одбори повеќе да внимаваат, изјави членот на ДИК, Јанаќе Витановски.

Сите членови на комисијата се согласија дека вината не е во целите избирачки одбори туку во поединци, но сепак ќе се бара одговорност и разрешување на целиот одбор кој бил на смена на денот на глсањето на посочените избирачки места.

На денешната седница се разгледуваат 14 приговори, сите поднесени од изборниот штаб на Гордана Сиљановска-Давкова. Имаше приговор за избирачко место во Берово каде гласало болно и изнемоштено лице, но не било пријавено на списокот, и приговор за избирачко место во Боговиње каде 29 гласачки ливчиња биле откинати со дел од кочанот што го содржи серискиот број, но овие приговори беа одбиени.