ДИК: Излезеноста до 11 часот изнесува 8,03 отсто

1048
Фото: Маја Јаневска Илиева

До 11 часот на 3.480 гласачки места на територијата на Република Македонија гласањето тече мирно и без неправилности. Од обработените 92,06 отсто од податоците од избирачките места до 11 часот на гласање излегле вкупно 8,03 проценти од запишаните гласачи на овие избирачки места. До ДИК до овој момент, како што информираше на прес-конференцијата портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска, доставени се седум приговори за заштита на личното избирачко право. Три од нив се одбиени, додека четири се во обработка.

На бесплатната телфонска лиија 0800 555 44 преку која граѓаните можат да пријавуваат неправилности или да поставуваат прашања до ДИК, граѓаните ја користат оваа телефонска линија, а главно, нагласи Гугучевска, прашањата се во врска со нивното лично избирачко право. Од ДИК апелираат во такви случаи граѓаните да оставаат свои податоци за контакт за да можат службите од ДИК да им одговорат на поставените прашања.

Највисока излезеност, информираат од ДИК, има во општина Центар 13,31 процент, Крива Паланка 13,8 и општина Карпош 12,51, а најниска излезеност има општина Могила 3,16 и Пласница 3,30.

На новинарско прашање зошто има промена во однос на предавањето на избирачкиот материјал по завршувањето на гласањето, портпаролот на ДИК Гугучевска потенцира дека предавањето на изборниот материјал по завршувањето на гласањето од избирачките одбори до ОИК во принцип на сите изминати процеси се вршело на ист начин.

– Единствена измена сега е што изводите од Избирачкиот список се надвор од запечатените вреќи. Останатиот доверлив материјал како што се гласачките ливчиња – искористени, неискористени, Дневникот за евиденција на настани, тие се внатре во вреќата за доверлив изборен материјал и треба да бидат доставени запечатени до ОИК, појасни Гугучевска.

Следната прес-конференција е закажана за 13.30 часот.