Дескоска: Измените на Законот за спречување на корупција на јавна расправа

82

Нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), менување на условите за именување претседател и членови на Комисијата, како и проширување на нејзините надлежности, се дел од измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата што од денеска е ставен на јавна расправа.

Основната цел на измените на Законот, како што посочи на денешната прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска, е зајакнување на ефикасноста и независноста на ДКСК и постигнување поефикасна превенција и борба против корупцијата.

– Се воведуваат нови надлежности на ДКСК со кои се предвидува Комисијата да ја следи и утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии. Во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на политичка партија, ДКСК по сопствена иницијатива ќе презема мерки за утвдрување на фактичката состојба, истакна министерката за правда.

Следната надлежност на ДКСК, како што рече Дескоска, ќе биде контрола на финансиско-материјаното работење во предметите по кои постапува, по извештаите на Државниот завод за ревизија за контрола на постапките кои укажуваат на незаконитости во материјално-финансиското работење на буџетски корисници.

– Законските измени предвидуваат годишна контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на ДКСК, а се проширува и кругот на лица чија имотна состојба ќе поднесуваат анкетен лист до оваа Комисија, појасни Дескоска.

Во контекст на тоа, министерката за правда додаде дека, покрај сите избрани и именувани, одговорни лица во јавни претпријатија, со измените се предвидува и нотарите и извршителите да поднесуваат анкетен лист до ДКСК и УЈП и изјава за откажување од банкарска тајна. 

Таа рече дека членовите на ДКСК во однос на финансиското работење подлежат на контрола од Државниот завод за ревизија, како и сите други институции.

Со законските измени се менуваат условите за именување претседател и членови на ДКСК, како и постапката за избор на Комисијата.

– Предвидено е ДКСК да биде составена од претседател и четири члена, кои ги именува Собранието на РМ со мандат од пет години, без право на повторен избор во наредните пет години, рече Дескоска.

Измените на Законот од денеска се ставени на јавна дебата, а следната недела, како што рече министерката Дескоска, ќе биде организирана и тркалезна маса, по што очекува што поскоро законот да биде пратен во Собранието на РМ.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со екстрадицијата на двајцата обвинети во случајот „Монструм“ од Косово, Дескоска рече дека минатата недела добиле барање од судот, кое не било комплетно и повторно го вратиле да се докомплетира со сите документи што се потребни.

 – Штом ќе добиеме комплетна документација уште истиот ден ќе биде пратено барањето. Наш интерес е да овозможиме ефикасно одвивање на судските постпки што се водат пред судовите во Македонија, истакна министерката за правда.