Дескоска: ВМРО-ДПМНЕ го користи Јовески како лошо алиби

78

ВМРО-ДПМНЕ очекувано ја напушти средбата, по вчерашната изјава на Христијан Мицкоски кој кажа дека има забелешки и од сите девет забелешки, само една е на виделина, рече на прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска.

– Не доставија и не ги презентираа забелешките. Избегаа од средбата. Кажаа само 2 предлози, ние продолживме со средбата. За јавна дебата се согласивме, но нивното барање за Јовески не е основано. Претходно бараа претставници од ЕУ и САД и тогаш не побараа присуство на Јовески. Не беше договаран овој формат. Ова е уште едно нивно несериозно однесување, едноставно јасно е дека не сакаат да соопштат јавно пред сите партии дека нивната цел е запирање на сите предмети од СЈО – порача Дескоска.

Таа додаде дека со останатите партии е договорен нов состанок на кој ќе дадат свои предлози, а ќе има и јавна расорава.

– ВМРО-ДПМНЕ има време да биде дел од преговарачкиот тим, во спротивно ќе имаме впечаток дека не поддржуваат реформи во правосудството и расчистување на криминалот. Јовески ќе биде дел од јавната расправа и не гледам тука што е спорно. Тој беше дел од работната група и ќе биде дел од таа расправа со експерти од оваа област. Јовески го знае предлогот текстот, а ова што тие го користат него како лошо алиби е уште еден обид за напуштање на преговорите – оцени Дескоска.

Според неа, не е коректно иднината на државата да се стави на коцка и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ќе бараме 2/3 мнозинство и поддршка од сите партии. Имаме подршка од ДУИ, а конструктивна поддршка покажаа и независните на ВМРО. Ако не постигнеме консензуз за квалитетен закон, нема да го носиме. Затоа ги повикувам сите групи да се вложат и да го подобиме текстот на законот – нагласи Дескоска.