Денот на победата над фашизмот е мој празник

2647
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на Деветти мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, „Нова Македонија“ доби ексклузивна можност да разговара со Владо Божиновски, македонски револуционер, првоборец во НОБ и добитник на три ордени за храброст. Во разговорот со новинарите, деведесет и петгодишниот Божиновски се присетува на текот на Народноослободителната војна против фашистичките окупатори, на историските битки во кои тој учествувал, но и го споредува славниот период од минатото со актуелните состојби во и околу Македонија.

Како се приклучивте во отпорот против фашистите и кои се најзначајните операции од НОБ во кои вие учествувавте?
– Јас на мои 17 години станав партизан. Моето село Бардовци беше прочуено насекаде и важеше за голем поддржувач на отпорот против окупаторите. Сите куќи беа вооружени со оружје од пребеганите југословенски војници, кои им се предадоа на Германците. Народот во моето село потоа тоа оружје го предаде во рацете на фашистите. На почетокот од војната јас како овчар со моето стадо безбедно спроведував луѓе низ селските полиња до партизанските чети, кои во 1941 година беа во шумите на Скопска Црна Гора. Извесно време потоа им помагав со информации на оние што сакаа да станат партизани и во тајност ги упатував на вистинските места. Во 1943 година веќе и самиот бев активен партизан и дел од Првата македонско-косовска ударна бригада. Со моите соборци војувавме против германско-бугарскиот окупатор и против балистите. Кога ја почнавме војната немавме многу оружје, а секој партизан што имаше пушка добиваше само по пет куршуми за неа. Па сепак и со тоа слабо оружје успевавме да им дадеме отпор на непријателите и на крајот да ги победиме. Извесно време подоцна во војната бев задолжен да ракувам со руски митралез од типот „максим“. Со него бев секаде и во сите битки и марширања. Беше многу тешко и исцрпувачки бидејќи марширавме со километри и со месеци. Со својот митралез се борев со непријателот секаде каде што ќе стигнев и тој никогаш не откажа ни на битките со фашистите во Скопје, ни во Качаник, Белград и Загреб ниту пак на Сремскиот фронт каде што и бев ранет во раката. Митралезот на кој во битките со непријателот му ја загревав цевката многупати ни го спаси животот на мене и на моите соборци.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како го доживеавте ослободувањето на Македонија од фашистите?
– Кога беше прогласено дека Скопје е ослободено, во главниот град и во околината сѐ уште имаше германски војници што не се предаваа. Се боревме со нив за секоја улица за секое метро. Најголеми битки имаше кај Женската гимназија, кај еврејското мовче и кај браната на Матка. На крајот ги избркавме. Извесно време потоа, по познатиот говор на плоштадот на Лазо Колишевски, почнавме како партизани да маршираме по слободните улици на Скопје, а народот ни мавташе, фрлаше цвеќиња и нѐ бакнуваа. Сѐ беше неописливо и необјасниво…

Ги оправдуваме ли како генерација придобивките од НОБ и какви се вашите прогнози за иднината на Македонија?
– Јас не сум многу учен, но морам да кажам дека сега многу подобро се живее од порано. Сега се има повеќе за по дома. Но иако народот е многу побогат, мислам дека сепак недостигаат слога и заедништво. Сѐ додека се Македонците поделени тоа не е добро за нас и за државата.

Во добар правец ли се движи сега државата?
– На телевизија гледам страшни работи. Народот е поделен и исплашен. Македонците се поделени на партии, а некој друг го искористува тоа и ја распарчува нашата земја. Токму затоа треба да бидеме внимателни сега да не го изгубиме она што ни е најдраго, бидејќи овој народ во минатото многу изгубил, но на крајот ја стекна својата слобода со падот на фашизмот.

Побезбеден ли е светот денеска во споредба со времето во кое вие се боревте против фашистите?
– Според мене, денеска светот не е безбеден. Многу нешта се изменети од порано. Тие што го водат светот треба да ги смират народите, да ја подобрат економијата и да се работи само на мирот бидејќи само таму е спасот. 


Наредната година ќе присуствувам на парадата во Москва

Што претставува за вас празникот Деветти мај?
– За мене тоа е голем ден и мој празник во кој се слави сѐ она што се постигна во НОБ во тогашна Македонија и Југославија. Јас секогаш избричен и дотеран и во кругот на семејството го прославувам овој ден. Имам навика најблиските да ги однесам на ручек на ќебапчиња или на чкембе-чорба и да ги почестам во чест на 15-те мои најблиски другари што ги закопав дента откога го положија животот во борба со фашистичкиот окупатор, а јас ја имав среќата да преживеам. Досега не сум имал можност да говорам за овие работи, ниту пак сум имал некакво специјално признание за мојата жртва од државата, можеби затоа што сум скромен човек. Сепак, морам да признаам дека засега единствена најголема чест ми укажа рускиот амбасадор Олег Шчербак, кој ми додели ордени со слики на руските воени херои, златна икона и признаница за мојот придонес во војната. Но морам да кажам дека она што најмногу ме израдува од негова страна е фактот што тој ме покани наредната година да присуствувам во Москва, на парадата за победата над фашизмот.