Опскурните мотиви, изјави и чекори на некои професори и квазиинтелектуалци треба веднаш во јавноста да се демаскираат од страна на вистинските македонски интелектуалци. Нивните активности, и на вербален и на секаков друг план, нужно е да се делегитимираат како постапки на квазиинтелектуалци што не водат до вистината и правдината. А имено, таквото нивно „гласно пукање во празно“ е во спротивност со мисијата на секој вистински интелектуалец, а во функција на криминална кауза на одреден центар на моќ

Надворешни советници на претседателот Пендаровски инструментализирани од надворешни центри на моќ?

Длабоко противправните бугарски ставови и потези во однос на историјата, јазикот, посебноста и идентитетот на македонскиот народ, прашања за кои Бугарија изминатиот период ја уценува и условува Македонија, а истите тие, иако криминални, се прифатени од ЕУ, предизвикаа силни реакции во стручната јавност. Таквите официјални и неофицијални реакции во целост содржеа наратив на гласна и јасна правно, но и од сите други аспекти, основана осуда на овие бугарски позиции. Но иако е кристално јасна фактичката ситуација за противправно наметнатиот спор, сепак во морето осуди за бугарската уценувачка и негаторска политика кон Македонија се појавува и понекој домашен петтоколонашки став, кој ги извртува фактите и практично одработува за Бугарија, пласирајќи целосно извртени, тенденциозни и опасни тези.
Најновата запршка во горчливата бугарска чорба повторно доаѓа од професорот Денко Малески, патем беше и прв министер за надворешни работи во македонската влада, кој сѐ почесто си зема за слобода да извртува најразлични прашања, а кои се повеќе од јасни: историски, јазични, политички, идентитетски, па дури и изборни…
Конкретно, коментирајќи ги резултатите од првиот круг на локалните избори во Македонија, Малески забележува дека резултатите покажале дека има подем на националисти и радикали?!
– Што се тркала зад брегот на првиот круг од општинските избори во земјата? Национализам и радикализам. Национализам, разбран како идентификација со сопствената нација и поддршка за нејзините интереси, на сметка на интересите на други нации. И радикализам, разбран како мислење и поведение што се залага за екстремни промени, особено во управувачките структури на државата, а историски се појавил со Француската револуција – пишува професорот Малески.
Тој посочува дека за национализмот и радикализмот што се во подем во Македонија (?!) може да сме сигурни дека ќе заглавиме на патот кон ЕУ, нашата шанса не само да се европеизираме туку и да напредуваме како држава и како нација.

Во однос на овие тези, разбирливо, веднаш со педантна, основана и трезвена спротивставена реакција се јави македонскиот филмски режисер Митко Панов.
– Но не обичен, туку досега невиден македонски национализам, што се манифестирал, ни помалку ни повеќе, во „идентификацијата со сопствената нација“?! Специфичноста на овој македонски национализам, според овие интелектуалци, се состоела во тоа што идентификацијата со нацијата и поддршката на нејзините интереси биле „на сметка на интересите на други нации“?! – истакнува Панов.
Тој запрашува што сакаат со тоа да кажат, односно да порачаат (се разбира препознавајќи ги и алудирајќи на тезите на Малески).
– Дека не смееме да се идентификуваме како македонската нација, бидејќи македонска нација не постои? Дека со идентификувањето со македонската нација го засегнуваме идентитетот на други нации?! Дека немаме македонска нација, бидејќи сме биле други?! Дека треба да се грижиме за интересите на другите нации наместо за своите, македонските?! Дека сѐ што е спротивно на ова, било национализам – прашува тој.
Петар Тодоров од Институтот за национална историја, пак, коментирајќи на многубројните обраќања по ист терк во јавноста на професорот Малески, истакнува дека поделбите во однос на историјата не се нешто ново.
Причините за овие испади се повеќе: клиентелизмот што го развиваат и промовираат некои од интелектуалците, аморфниот карактер на личноста, склоноста кон трговија со длабоко националната кауза за остварување лични профити, понекогаш и мотивите на одмазда кон некој и нешто, па дури и по цена да склучат „пакт со ѓаволот“… Затоа, ваквите опскурни мотиви треба да се демаскираат веднаш во јавноста од страна на вистинските македонски интелектуалци, а активностите и на вербален и на секој друг план да се делегитимираат како постапки на интелектуалец што не водат до вистината и правдината. Имено, тоа е во спротивност со мисијата на секој вистински интелектуалец.

Како што се бара од политичарите и интелектуалците да се однесуваат и дејствуваат за доброто на сите, така и луѓето/граѓаните се свесни дека еден искажан збор има своја тежина и може да повреди и да посее длабока омраза.
Поради квазиинтелектуални предавнички ставови во поглед на историјата и идентитетот, често е предизвикана лавина од реакции од страна на граѓаните и на социјалните мрежи. Таму граѓаните не ги штедат зборовите не само на адреса на искажаните ставови, но, за жал, и директно против личностите што ги искажале. Изземајќи ги вториве, сепак и граѓаните имаат голем удел во процесот на делегитимирање на постапките, ставовите, па и на профилот на личностите што биле и носители на јавни и државни функции, а кои се или биле ставени во функција на туѓи интереси.
Така, Петар Тодоров од Институтот за национална историја, посочувајќи го примерот со перманентните изјави во тој контекст на професорот Денко Малески, децидно напиша дека не се согласува ставовите на Малески!
Слично размислува и докторот на политички науки Огнен Вангелов, кој забележува дека проблемот на тезите на Малески кон спорот е немањето критичка дистанца од наративот на бугарскиот национализам, што е исто толкав проблем ако нема критичка дистанца од наративот на македонскиот национализам.
Тој појаснува дека Малески со својот став не придонесува во дискусијата околу критичкото разгледување на македонскиот национализам, бидејќи има автоматско преземање, односно прегрнување на друг националистички наратив и дискурс, во случајот бугарскиот, кој не може да ја даде основата за „правилно читање на историјата.“

– Последново го ставив под наводници бидејќи најчесто таа синтагма ја користат оние што историските и општествените феномени ги гледаат од есенцијалистичка и детерминистичка перспектива – пишува Вангелов.
Таквата перспектива, според Вангелов, често води до монструозни карикатури на создавање националистички митови во чија основа лежат расните толкувања за „крвта и земјата“, како и наративите за илјадагодишни континуитети на одредени народи.
– Нешто такво неодамна беше пробано кај нас и со право не можеме да се согласиме да влегуваме во нова таква стапица, сега со бугарска амбалажа – поентира Вангелов.
За потсетување, за прашања поврзани со македонско-бугарскиот спор свое видување неодамна даде и претседателот Стево Пендаровски. Тој во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека последните јавно искажани ставови на професорот Малески, кој е негов надворешен советник, воопшто не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот на државата.