Дезавуирањето на македонскиот јазик е метафора за одрекувањето на македонската нација

502
Фото: Игор Бансколиев

Од последниот онлајн состанок на македонско-бугарската историска комисија, која беше во нецелосен состав, одржан на 22 јануари, прво произлезе соопштение дека проблематизираното (од бугарска страна) споменување на македонскиот јазик во записниците се решава со синтагмата „јазикот според Уставот на РС Македонија“. Таквото решение за јазикот, наводно, произлезено од толкувањето и придржувањето кон Преспанскиот договор со Грција, поради нецелосно објаснување, беше протолкувано како севкупно ембарго за употребата на придавката „македонски“ во
работата на комисијата

Уште еден флагрантен политички упад за
деградирање на лингвистиката и историјата

Контрадикторните соопштенија, па потоа деманти за постигнатиот напредок во работата на мешаната македонско-бугарска историска комисија, околу наводно само „технички проблем“ за употребата на придавката „македонски“ во записниците од неколку изминати состаноци на комисијата, се чини дека предизвикаа уште поголема нејаснотија во јавноста. Дали по секоја средба на историчарите од Македонија и од Бугарија, се приближуваат или се оддалечуваат гледиштата за историско-идентитетскиот спор што го наметна бугарската страна? Од последниот онлајн состанок на македонско-бугарската историска комисија, која беше во нецелосен состав, одржан на 22 јануари, прво произлезе соопштение дека проблематизираното од бугарска страна споменување на македонскиот јазик во записниците се решава со синтагмата „јазикот според Уставот на РС Македонија“. Таквото решение за јазикот, наводно произлезено од толкувањето и придржувањето кон Преспанскиот договор со Грција, поради нецелосно објаснување, беше протолкувано како севкупно ембарго за употребата на придавката „македонски“ во работата на комисијата. Поради таквите еквилибристики, недоволно уверливи подоцна беа и демантите од македонскиот дел од комисијата, но и од премиерот дека „придавката ’македонски’ била и ќе биде во записниците од мешаната комисија со Бугарија. Напредокот што е постигнат, се однесува на техничко ниво, за да нема блокада во работата, договорено е во записниците дословно да се цитираат дискусиите на двете страни“.

Таквите „теоретски“ објаснувања во демантите имплицираат дека придавката „македонски“ ќе биде употребена во записниците само како цитат од излагањата на членовите од македонскиот дел од комисијата, но во заклучоците ќе се користи „преспанската формула“ за замена на придавката „македонски“. Дополнителна сомничавост предизвикува и необјавувањето на досегашните записници од состаноците на комисијата, иако премиерот Заев уште на почетокот на декември, минатата година, најави дека ќе бидат достапни за јавноста. Сега вели дека тоа не може да го стори без договор со Бугарија. Но тврди дека придавката „македонски“ останува во нив.
– Според некаков логичен сублимат на сите информации и деманти што се достапни во јавноста, по последниот состанок на мешаната историска комисија, може да се сфати дека македонскиот јазик, односно воопшто придавката „македонски“ ќе се користи само како цитат во наводници, како еднострано гледиште, како нешто „таканаречено“. Само тоа може да се заклучи, ако придавката „македонски“ во стенограмите од записниците на комисијата е застапена само како верен пренос (цитат) на говорот на членовите од македонските историчари, а ќе биде избегнувана во заклучоците. Ваквиот развој на работите сѐ повеќе укажува дека самата комисија, односно македонскиот дел од мешаната историската комисија со Бугарија, се претвора во продолжена рака на МНР. Како што минува времето, комисијата сѐ повеќе ја губи смислата на своето постоење и се претвора во политичко тело што треба да спроведе политичка одлука, која како да навестува дека историјата на македонскиот народ треба да се преименува во историја на народот на Северна Македонија – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Според Чепреганов, сосема несоодветно и ненаучно во работата на научна историска комисија е да се посегнува по политизирани термини, произлезени од политички билатерален договор, како Преспанскиот, кој дури е потпишан и со трета страна (Грција) и дури ни политички не е поврзан со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Голем политички притисок врз членовите на работата на комисијата, професорот Чепреганов гледа и во замената на еден член од македонскиот дел од комисијата, со историчар етнички Албанец, но исто така и во несмалениот интензитет на историска пропаганда на бугарската страна пред ЕУ, која настојува Македонците да ги прикаже како геноциден народ.
– Според библиографијата на новиот член во македонскиот дел од комисијата, историчар од албанско етничко потекло, нејасна е неговата улога. Од неговата библиографија не може да се види ниту еден ред напишан за македонската историја… Што се однесува за бугарската историска пропаганда пред ЕУ, оттаму постојано се пласираат невистини за некакво „крваво Коледе“ во Македонија по Втората светска војна, кога во тој период наводно биле убиени 20.000 граѓани поради тоа што се изјаснувале како Бугари, а стотина илјади биле измачувани. Притоа, од кај нас нема никаква реакција за овие бугарски измислици, за кои воопшто нема докази дека се случиле – вели професорот Чепреганов.

За спорната политизација на користењето на синтагмата „македонски јазик“ и воопшто придавката „македонски“ во документите за работата на историската комисија, професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар, смета дека ова е уште една потврда за политички упад во употребата на јазикот, на лингвистиката како наука, ограничувајќи ги неговата современа функционалност и историски развој.
– Со секој состанок на мешаната македонско-бугарска историска комисија, како да се зголемува апсурдноста на целиот спор. И се поставува прашањето – какви се тие преговори и договори што треба да претставуваат рамноправен процес, но секогаш ништо друго не се случува, туку секој „напредок“ значи отстапување или откажување од нешто на македонската страна. Ако навистина најновиот напредок е само ограничување на употребата на придавката „македонски“ во наводници, тоа е само нова политичка деградација на македонскиот јазик.

Од друга страна, сомнежот е уште поголем поради недоволната транспарентност и информациите во јавноста за работата на историската комисија, но и воопшто за целиот процес на преговори со соседите што го условуваат македонското членство во ЕУ, со оспорување на македонскиот идентитет – вели професорката Елка Јачева-Улчар.
Записниците на историската комисија се усвоени од Владата уште минатото лето и во нив се содржани препораките за заедничко чествување на пет историски личности и три историски периоди. Се работи за цар Самуил, за св. Кирил и Методиј, св. Наум и св. Климент Охридски. Наредната средба, која ќе биде во полн состав и на која ќе се разговара за учебниците и за заедничкото славење на Гоце Делчев, е закажана за 25 и 26 февруари 2021 г.