Фото: Игор Бансколиев

Два момента се клучни од дебатата за верзијата на преговарачката предлог-рамка. Првиот е како во неа ќе биде пренесена новата методологија на преговарање, пред сѐ моментот на реверзибилност, што првпат се воспоставува. Второто важно очекување е да се дознае дали во рамката ќе бидат вметнати барањата на Бугарија во врска со македонскиот јазик и историја, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики во Скопје

Утре во брисел ќе се дискутира за нова верзија на „македонската преговарачка рамка“

Почеток на преговорите за членство во ЕУ е маѓепсаниот круг од кој македонската политика бара излез 15 години до моментот вистинско преговарање. По „зеленото светло“ во март оваа година, во време на пандемија, но и по предвремените собраниски избори во Македонија и набрзо по почетокот на формирањето на новата влада, најавени се некои конкретни чекори од страна на ЕУ, во контекст на подготовките за почеток на преговорите. Имено, утре, 8 септември, датум што се совпаѓа со Денот на независноста на Македонија, во Брисел земјите-членки на ЕУ ќе имаат дебата за една верзија на преговарачката предлог-рамка што ќе ја претстави германското претседателство со Европската Унија.
Тоа го најави и новиот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, при размената (примопредавањето) на министерствата со актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Иако ги ротираа своите министерски ресори, и двајцата истакнаа дека „како држава остануваме на стратегиските интереси во делот на односите со ЕУ“, а како можност што треба да се искористи во моментов ја истакнаа, според нивно мислење, наклонетоста на германското претседателство со ЕУ, во поглед на прашањето за проширувањето на Унијата.

Утврдувањето на преговарачката рамка е првиот предуслов за официјален почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, односно за отворање на патот за одржување на првата меѓувладина конференција. За Македонија особено е важно како ќе биде форматирана преговарачката рамка, со оглед на фактот дека во неа треба да биде спроведена новата методологија на преговарање, што беше причина за последното одложување на почетокот на преговорите минатата година.
– Два момента се клучни од дебатата за верзијата на преговарачката предлог-рамка. Првиот е како во неа ќе биде пренесена новата методологија на преговарање, пред сѐ моделот на реверзибилност, што првпат се воспоставува. Второто важно очекување е да се дознае дали во рамката ќе бидат вметнати барањата на Бугарија во врска со македонскиот јазик и историја. Во некои претходни нацрти на преговарачката рамка, кои имавме можност да ги видиме, ги немаше имплементирано овие бугарски барања, но и тоа беа неофицијални документи.

Потоа, би било оптимално за нас Советот на ЕУ до октомври да ја усвои рамката, за се создадат услови да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, односно до крајот на германското претседателство – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики во Скопје.
Двајцата министри (за надворешни работи и за евроинтеграции) не очекуваат пречки од соседна Бугарија во процесот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, потпирајќи се на логиката дека Бугарија не може да има придобивки од комплицирање на европската иднина на Македонија.
Во очекување на дебатата во Брисел на земјите-членки на ЕУ за преговарачката рамка за Македонија, вицепремиерот Димитров повторно истакна дека пристапните преговори се најдобрата алатка за реформи дома. Тој најави дека во следниов период во СЕП, фокус ќе биде почетокот на пристапниот процес.

– Целта ни е да ги почнеме конечно пристапните преговори и да ја отвориме најдобрата алатка за реформи дома. Тоа ќе значи дека СЕП ќе треба да стане еден од главните мотори во државава, што ќе ги турка реформите напред. Нѐ чека многу работа, но и истовремено и големи предизвици, големо бреме и товар, но и огромна златна шанса следниве години да ги искористиме длабоко да навлеземе во пристапниот процес со Европската Унија – истакна Димитров.