Фото: Дарко Андоновски

Двата стратегиски документа се со важност до 2022 година и се изработени од Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. „Нова Македонија“ направи краток пресек на нивната содржина

Македонија во наредните четири години ќе се заштитува себеси и своите граѓани од растечките опасности што ги носат тероризмот и насилниот екстремизам, со два стратегиски пристапа што се сместени во два државни документа, насловени Националната стратегија за спречување насилен екстремизам (2018-2022) и Националната стратегија за борба против тероризам (2018-2022). Двата стратегиски документа се со важност до 2022 година и се изработени од Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

– Комитетот е раководен од националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Борче Петревски, кој има двајца заменици, едниот задолжен за спречување насилен екстремизам, другиот за борба против тероризмот. Во комитетот партиципираат 22 члена и 22 заменик-членови, кои се постојано вработени во 21 министерство и институции на Република Македонија. Потребата за подготвување нови национални стратегиски документи е за да се пренесат активностите во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата на полето на превенцијата и да се примени сеопфатен општествен и институционален пристап при справувањето со овие безбедносни феномени – тврдат од Владата.

Во меѓувреме, безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека го поздравува и разбира овој владин чекор, бидејќи Македонија мора да го најде најефективното решение за справување со овие два безбедносни ризика што можат да ја дестабилизираат земјата.
Тој потсетува дека и во минатото нашата држава подготвувала слични безбедносни документи, кои кога било најпотребно го организирале државниот механизам за заштита на земјата.
Но што, всушност, се предвидуваа во најновите два документи со важност до 2022 година. „Нова Македонија“ направи краток пресек на нивната содржина.

Фото: Дарко Андоновски

Детекција, превенција и одговор на сите форми на тероризам

Во државниот документ наменет за борба со тероризмот се истакнува дека и покрај досегашните успеси во борбата со тероризмот, заканите од него и натаму
еволуираат и се приспособуваат на современите услови на живеење.
– Република Македонија како земја во средиштето на регионот постојано е под ризик од опасностите на транснационалниот и трансрегионалниот тероризам, заради што мора да остане будна и секогаш подготвена, пресретнувајќи ги новите предизвици – се истакнува во публикацијата.

Во документот е наведено дека тероризмот не познава националност или религија, а за борбата против заканите и насилните и деструктивните активности на терористите се потребни контрамерки: подобрена безбедност на границите, благовремено споделување информации, подобрено кривично законодавство преку локалните мрежи, истовремено спречувајќи ги факторите и двигателите на насилниот екстремизам.

Стратегијата за борбата со тероризмот, која има триесетина страници, го дефинира тероризмот како незаконско користење насилство и заплашување против цивили, во потрага по исполнување политички цели.
Според македонскиот безбедносен документ, тероризмот е сериозен криминал, кој не може и не треба да биде поврзан со која било националност, религија или етничка припадност.
Стратегијата напоменува дека, анализирајќи го тероризмот, сепак, може да се истакнат некои чести негови негативни особини, кои вклучуваат дејствувања поврзани со опасности за животот и имотот на граѓаните, обиди за намерно поткопување на демократската влада, акти за влијание врз политиката и законодавците, пристапи кон целење на поединци и институции, за да инспирира страв и терор низ целата популација.

Безбедносниот документ на Македонија ги набројува и начините на кои државата планира да се бори со оваа закана во годините што доаѓаат.
Според документот, борбата против тероризмот подразбира: координирање на поединечните и институционалните капацитети и ресурси за цели на детекција, превенција и одговор на сите форми на терористички појави и активности.
Натаму, државата ќе презема политички, безбедносни и воени активности осмислени да го превенираат тероризмот, со кои ќе му се застане на патот на тероризмот, а со тоа и ќе им се суди на сторителите на тероризам.
Во овој сет на државни реакции против оваа безбедносна закана е наведено и дејствувањето на државниот апарат против појавите што имаат во себе насилно однесување на групи и поединци, што се должи на политички и идеолошки мотиви, насочено кон уништување и оштетување меки и тврди цели, со значителни негативни последици.

Во документот се наведува дека Македонија дејствува во спречувањето на опасностите што ги носат за земјата борците повратници од фронтовите на Блискиот Исток.
– Севкупно, од крајот на 2012-та до почетокот на 2016-та се проценува дека околу 1.000 лица од земјите на Западен Балкан патувале и престојувале во Сирија и во Ирак, дел и со своите семејства. Некои се приклучиле на Исламската држава (ИД), додека други се поврзале со Џабат Фатах ал-Шам (попознат како фронтот Ал Нусра, а сега новокомпониран како Хајат Тахрир ал-Шам). Овие поединци потекнуваат од Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, и Македонија, а бидејќи територијата на ИД е намалена, некои од нив се вратија дома или заминаа во трети земји, додека, пак, некои загинаа на боиштата – се истакнува во документот.
Стратегијата напоменува дека за оваа закана безбедносните служби на земјата ги регистрираат заминувањата и враќањата на странските терористички борци, а институциите ќе ги интензивираат регионалните и меѓународните напори насочени кон кривично гонење на потенцијалните борци и на повратници од Сирија и Ирак.


Четири чекори против насилниот екстремизам

Во Националната стратегија за спречување насилен екстремизам е напишано дека разбирањето на заканите од насилниот екстремизам помага да ги разбереме и одговорностите на државата кон сузбивање на оваа појава.
– Фактот што Република Македонија не е извозник на насилен екстремизам и тероризам претставува една од нејзините најголеми предности и најсилно оправдување за пристапување кон евроатлантските интеграции, што ја прави земјата способен и добро геополитички позициониран партнер, со можност да ги зајакне стабилноста и сигурноста на ЕУ – пишува во документот.
Во владината публикација се напоменува дека Македонија е важна стратегиска држава за спротивставување на главните причини и предуслови што ги хранат и шират заканите од радикализација што може да доведат до насилен екстремизам, а во крајна линија и до тероризам.
Во меѓувреме, стратегискиот документ потсетува дека борбата против екстремизмот подразбира приоритети најмалку во три меѓусебно поврзани контексти: државно ниво, локално (и општинско) ниво и регионално/меѓународно ниво.
Државната стратегија дава широк опис на насилниот екстремизам и информира дека тој се однесува на верувањата и постапките на луѓе што го поддржуваат или користат идеолошки мотивираното насилство за да ги остварат радикалните идеолошки, религиозни или политички ставови.
Стратегискиот документ со кој Македонија ќе ја сузбива оваа негативна општествена појава до 2022 година подразбира четири чекори на спречување на насилниот екстремизам.
Првата мерка подразбира дејствување на државниот апарат во делот на планирање, воведување и примена на процедури, методи и мерки за превенција, детекција и спротивставување на нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата против други социјални групи.
Втората мерка, пак, има за цел да се создадат и применат активности за идентификација и превенција на факторите што произведуваат насилен екстремизам, како и да се идентификуваат креаторите, односно агентите на радикализацијата што можат да инспирираат тероризам.
Третата мерка на стратегискиот документ е сконцентрирана на анализирање на насилниот екстремизам, кој е девијантна појава, што подразбира подготовка, мобилизација и регрутирање поединци и групи за насилно пропагандно дејствување насочено против оние што вршат остварување екстремистички и терористички цели.
Последниот сет активности што се дефинирани во државната стратегија имаат за цел да спречат активност извршена од страна на лица или групи на лица со радикални гледишта, поврзани со ангажирање целни групи или поединци за нетолеранција кон етнички, расни или верски групи и стимулирање или поттикнување насилство и екстремизам.