Фото: Игор Бансколиев

Иако словенечкото претседателство претходно јавно настапи изразувајќи надеж дека преговорите со Македонија и Албанија ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во претходните нацрт-заклучоци, на последниот состанок на министрите на ЕУ временската одредница е исфрлена и замената со нова одредница, која гласи „што поскоро“.Токму оваа недефинираност со формулацијата „што поскоро“ за тоа кога Македонија може да очекува датум за преговори остава многу недоумици, но и можност на Бугарија бесконечно да нѐ блокира и, наместо да се реши, дополнително да се растегнува проблемот. Аналитичарите и дипломатите предлагаат многу поенергичен одговор од Македонија по овие нови околности во кои е втурната државата

Македонија не доби датум од ЕУ, Бугарија доби бонус-време и алиби за блокади

Министрите за европски прашања ја отстранија временската рамка во која би требало да биде решен македонско-бугарскиот спор и оставија отворен простор почетокот на македонските пристапни преговори за членство во ЕУ да се одложува во недоглед, односно до моментот кога Бугарија ќе процени дека се исполнети нејзините барања.
Иако словенечкото претседателство претходно јавно настапи изразувајќи надеж дека преговорите со Македонија и со Албанија ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во претходните нацрт-заклучоци, по вчерашните преговори меѓу министрите за европски прашања таквата прецизна временската одредница не беше задржана, туку се појави нова одредница со формулација „што поскоро“, која, од друга страна, ја наметнува дилемата колкав временски простор се остава за надминување на проблемот. Зошто терминот „што поскоро“ за почеток на преговори за Македонија може да се толкува и како релативно брзо, но и како многу далеку, речиси до бесконечност.
Токму таквата недефинираност остава многу недоумици, поточно што ќе значи сега тоа за преговорите меѓу двете земји, односно дали ќе го реши или дополнително ќе го растегне проблемот. Несомнено, со отстранувањето на временската рамка, Бугарија добива ветер во грбот подолго да истрае на своите барања, но, од друга страна, повеќе од извесно е дека ваквата „статус кво“ ситуација ќе влијае врз политичките процеси во земјава, на растот на евроскептицизмот, но и врз општата мотивација на македонското општество за сеопфатни реформи, кои без јасна европска перспектива потешко ќе се одвиваат.
Отстранувањето на временската рамка уште еднаш ја потврди европската непринципиелност, која одново покажа дека ЕУ се води само од интересите на своите земји-членки, без оглед на нивната апсурдност, погазувајќи ги сите ветувања што ги дала кон земјава, како и сопствените вредности и критериуми врз кои почива самата европска идеја.

Познавачите на состојбите во евроинтегративниот процес сметаат дека без временска рамка, преговорите со Бугарија може да се одолжат во недоглед, што може да претставува опасност за земјата.
– Останува статус кво, почетокот на преговорите на Македонија и Албанија е блокиран бидејќи Бугарија не се согласува со преговарачката рамка. Секое статус кво, особено кога се одржува подолго време, претставува опасност – смета Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.
Според неа, во една ваква ситуација и Македонија треба да го преиспита својот пристап кон преговорите со ЕУ.
– Во ваква ситуација, крајно време е нашата држава да го преиспита својот пристап кон преговорите со ЕУ, со поглед на долгорочноста на целиот процес, а не со фокус на концесии што ќе имаат долгорочни последици за краткорочни „добивки“, вклучувајќи и за домашни политички потреби – нагласува Ристевска-Јорданова.
Таа уште додава дека на сето ова кумувала неспособноста на ЕУ да ја усвои преговарачката рамка веќе година и пол, наспроти декларативната заложба да нема т.н. „билатерализација“ на преговорите, што, според неа, ги подгрева бугарските барања.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека со временската неодреденост ЕУ само одолжува, наместо да овозможи Македонија да ги почне преговорите.
– Таа формулација „што поскоро“ за започнување на пристапните преговори не е ништо друго туку едноставно растегнување на времето. Убеден сум дека сето ова не го прави само Бугарија, туку дека тука се вклучени и други фактори. Каква гаранција имаме ние дека за шест месеци ќе се најде некакво решение кога ќе се формираат тие работни групи? Никакви преговори по ниту едно прашање нема да дадат резултати, освен ако Македонија не направи драстични отстапки на Бугарија. Немаме никакви гаранции – вели Јањатов.

Тој, поведен од неконзистентната европска политика кон Македонија, предлага државата да преземе подрастични мерки во врска со евроинтегративниот процес.
– Јасно е дека Бугарија е само инструмент. Унијата има некои свои сметки во кои Македонија не се вклопува. Албанија тука е само колатерална штета, но на крајот веројатно двете земји ќе се раздвојат во пристапниот процес. Според мене, решението е итно македонското собрание да донесе одлука за распишување референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат дали Македонија треба да влезе во ЕУ. Тоа ќе го покаже расположението на народот по толку години разочарувања – додава Јањатов.
Според него, земјава треба да ги преиспита и сите меѓународни договори поврзани со евроинтегративниот процес.
– Сите меѓународни договори што рефлектираат некаква врска со ЕУ склучени од самостојноста до денес треба да се преиспитаат. Треба да се види Преспанската спогодба, да се види Договорот со Бугарија, па дури и некои внатрешни договори што биле изгласани заради европерспективите – истакнува Јањатов.


Какви заклучоци донесе ЕУ за Македонија

Советот за општи работи на ЕУ донесе повеќе заклучоци во однос на Македонија, но повторно не успеа да ја усвои преговарачката рамка за земјава поради противењето на Бугарија.
Имено, во заклучоците се нагласува дека со нетрпение се очекува да се одржат првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија што е можно поскоро откако ќе бидат одобрени преговарачките рамки. Во текстот на заклучоците, Македонија секаде се ословува со долгото име – Република Северна Македонија, поради инсистирање на Бугарија, додека другите држави се именувани со кратките имиња.
Понатаму, од државните институции се бара да ги почитуваат препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и да се продолжи со реформите за кои е потребен ангажман и од власта, но и од опозицијата.
Во делот за правосудството и борбата против корупцијата во Македонија, од Советот го поздравуваат постигнувањето одреден напредок во имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудството и нагласуваат дека фокусот треба да биде ставен на постојана примена на постојните стратегии и закони во согласност со стандардите на ЕУ. Во однос на борбата против корупцијата, пак, се наведува оти се забележани напори во таа насока, вклучувајќи и со случаи на корупција на високо ниво.
Во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, исто така, се констатира одреден напредок, како и дека има посветеност од Владата да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.
Во заклучоците од Советот е забележан и одреден напредок во јавната администрација, со акцент на запазување на принципите на транспарентност и правична застапеност, вклучувајќи и преку подобрување и имплементација на законските рамки.
Советот на ЕУ во заклучоците ја охрабрува земјава да продолжи да ги исполнува барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и да се справува со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата.
Во однос на разузнавачките и безбедносните служби, пак, Советот на ЕУ констатира дека е спроведена сеопфатна реформа во соработка со НАТО и партнерите, но порачува и дека треба да се зајакне парламентарниот надзор над овие служби.
Во заклучоците уште се додава дека во државата треба да се преиспитаат законите кои се однесуваат на изборите, а истовремено се поздравува одржувањето на пописот и се бара објавување на резултатите во наредните месеци.
На крајот, Советот се осврнува и на добрососедските односи и регионалната соработка, потсетувајќи дека е важно да се постигнат опипливи резултати и со спроведувањето на билатералните договори, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.