Дали ковид-пасошот ќе биде „виза“ за патување во странство

223

Предизвикот за справување со коронавирусот и обидите на земјите за нормализација на животот на луѓето во светот од ден на ден на површина вадат нови размислувања и иницијативи како побрзо да се надминат проблемите и полека но сигурно работите да се вратат во нормала и под контрола. Една од иницијативите за кои информираа светските медиуми е онаа што се однесува на таканаречениот ковид-пасош, односно документ со кој ќе може да се патува во светот, а кој ќе биде доказ дека лицето што го поседува е отпорно на заболувањето

НЕКОИ АСПЕКТИ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА
НАРЕЧЕНА КОВИД-ПАСОШ

Како што забрзано се движат државите кон вакцинирањето на своите граѓани, така и одредени земји ја истакнуваат потребата од воведување посебна документација за оние што имаат антитела на ковид-19.

Грција иницира воведување европски ковид-пасоши

Во јавноста излезе информацијата дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис официјално побарал од ЕУ да воведе ковид-пасоши. Според Мицотакис, одлуката за овој чин треба да се донесе што е можно поскоро, за да се олесни слободното движење на луѓето што примиле вакцина против ковид-19.
– Премиерот Мицотакис во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, подвлече дека е потребно да се заземе заеднички став што е можно побрзо и да се договориме како ќе изгледа сертификатот за вакцинација, за да можат да го прифатат сите земји – пишува „Политико“.
Мицотакис смета дека приоритет на ЕУ е што е можно поскоро да се обезбеди слобода на движење, иако Грција, како што нагласи, „нема намера вакцинацијата да ја направи задолжителна или задолжителен услов за патување, но дека на оние што биле вакцинирани треба да им се обезбеди можност да патуваат“.
Грчкиот премиер очекувал дека дискусијата за ковид-пасошите ќе биде една од главните теми на следниот самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 21 јануари.

Македонска перспектива

Во контекст на актуелните случувања, за обележување е дека македонските власти будно ги следат состојбите.
Имено, од Министерство здравство за „Нова Македонија“ објаснуваат дека воведувањето на таканаречениот ковид-пасош засега е само размислување на многу земји во светот, дури и некои авиокомпании најавуваат задолжителна вакцинација на патниците.
– Сѐ уште нема јасен став на повеќето земји на ЕУ и препораки како ќе се патува по вакцинацијата. Предлогот да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоен на ниво на ЕУ. Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, секоја индивидуално, носеа одлуки за рестриктивни мерки за влез и излез од државата – велат од Министерството.
Оттаму заклучуваат дека доколку земјите од ЕУ донесат одлука за користење стандардизиран пасош за вакцинацијата, нашата држава ќе ја усвои и спроведе нивната одлука.

Многу дилеми и отворени прашања поврзани со документацијата

Од друга страна, епидемиологот Александар Стојанов вели дека негово лично размислување е дека идејата не е добра за постоење на посебен документ, таканаречен пасош за ковид-19.
Според него, овој концепт во светската јавност го туркаат одредени политичари, но и лобисти што потекнуваат од превозната авиоиндустрија и туризмот.
– Имено, во овој момент сѐ уште е рано што било поврзано со пандемијата да се преточи во документ за патување. Никој во светот во овој момент нема никаква полза од овој документ, освен оние што заработуваат од патувањата и туризмот. Македонија има свое искуство со документи од овој профил, кои имаат намена да служат како доказ за странски држави и институции за наши граѓани дека се вакцинирани од одредени болести. Таквиот документ во Mакедонија се нарекува жолта книшка. Тоа е меѓународен сертификат, кој се издава за лица од Македонија на пример што патуваат во Саудиска Арабија на аџилак дека се вакцинирани од менингитис. Натаму, овој документ за нашите граѓани е корисен и кога патуваат во африканските држави, каде што е потребно нашинците да се вакцинирани од жолтата треска. Дополнително, нашите доктори кога заминуваат на пример на обука во Словенија неопходно е со себе да го имаат овој документ, бидејќи на словенечките власти треба да им приложат доказ дека се вакцинирани од хепатитис Б. Сите овие работи се впишуваат во документот, а дополнително доколку некој бил заболен и прележал болест, односно има антитела и тоа се нотира – вели епидемиологот.
Докторот, сепак објаснува дека кога станува збор за пасош за ковид-19, многу работи остануваат нејасни.

– Имено, додека траат светските вакцинирања, не се знае точно кои групи на граѓани ќе се вакцинираат. Во одредени држави се вакцинираат и помладите од 16 години, кои дури не поседуваат ниту обичен пасош на државата бидејќи се малолетни. Па, како ќе издадете пасош како држава за оваа намена – запрашува Стојанов.
Натаму, според него, проблематични се деталите на болеста, бидејќи не се знае кој колку долго ќе има антитела на вирусот дури и ако се вакцинирал, а дополнително има и такви лица што имаат антитела а не се вакцинирани.
– Во овој правец, и европските лидери во Брисел на 21 јануари ќе имаат состанок да дискутираат како да се постапува по иницијативата за овој документ. Колку што ги следам случувањата, има големи недоразбирања и несогласувања за оваа иницијатива. Грците, на пример, силно се залагаат за воведување посебен документ за ковид-19, а од друга страна Белгијците и Германците мислат спротивно – вели Стојанов.
Тој советува дека во моментов, поради многубројните неодговорени дилеми, сѐ уште не е кристално јасно како треба да постапи Македонија и мисли дека треба да почекаме уште некое време, па да донесеме своја одлука на темава.

Чешко искуство

Чешкиот универзитетски професор Миах Вит, кој поседува своевиден документ од државата што може да се протолкува како чешка верзија на ковид-пасош, објаснува за „Нова Македонија“ дека станува збор за надградба на постојан документ што го поседуваат граѓаните на оваа земја.
– Овој документ пред пандемијата се издаваше од државата единствено за потребите на граѓаните што патуваат во далечните земји од Азија, Африка и Латинска Америка, каде што пред заминување треба да се вакцинираат Чесите за одредени болести што ги има во странство а не постојат во Европа или не се толку чести. Бидејќи јас патувам многу, веќе го поседувам овој документ. Сѐ уште не сум вакциниран против болеста, но доколку се вакцинирам, на овој картон државните власти ставаат печат, со што практично се добива доказ дека одреден граѓанин на нашата земја е безбеден за патување додека трае имунитетот на болеста – раскажува Вит.
Тој објаснува дека неговите родители веќе имаат функционален ковид-пасош, бидејќи се вакцинирале, но додава дека нема одговор за тоа до кога ќе важи ова правило, бидејќи досега голем дел европски држави немаат јасни правила за употребата на документот.
Вит вели дека најголем проблем во чешкиот документ е тоа што е импровизирано решение, бидејќи е на хартија.
– Сметам дека доколку во иднина властите на мојата земја подготват дигитална верзија на документот или, пак, во најмала рака се подготви документ сличен на кредитна картичка, тоа би било складно решение, бидејќи на него би можеле да се менуваат податоците во зависност како ќе истекува или ќе се добива отпорноста на луѓето на ковид-19 – резимира Вит.

[email protected]