Дали бојкот на изборите е опција за Македонија

331

Уште еден сериозен предизвик на македонската политичка сцена

Што би значело доколку некои од политичките партии би ги бојкотирале претстојните парламентарни избори во земјата? Какви последици би имало тоа на внатрешен, но и на надворешен план? Дали бојкотот е реална политичка опција за унапредување на демократските процеси или силна политичка кочница со која нашата држава не само што реформски ќе стагнира туку и целосно ќе биде блокирана во евроинтеграциските процеси и во внатрешните преструктурирања?
Ова се некои од дилемите што се актуелни во домашната јавност, откако политичари од власта и од опозицијата во изминатиот период сѐ позачестено аргументираат за и против опцијата за бојкот на претстојните предвремени избори во Македонија.

(Не)посакувано сценарио за бојкот на изборите

Последна изјава на оваа тема викендов даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во телевизиско обраќање најави дека е можен бојкот на изборите доколку се одлучи истите тие да се случат во јуни. Неговата заложба е „судирање на аргументите со власта“ за да се донесе заедничка одлука, но сепак истакнува дека „гласањето не може да биде во јуни или почетокот на јули“.
– Ние мораме да им оставиме на граѓаните период на транзиција по вонредната состојба. Ваквото неодговорно однесување не можам да го разберам. Доколку еднострано одлучат да одат на избори во јуни, им посакувам среќа. Би се задржал на овој одговор. Сѐ е можно – вели Мицкоски.

Сличен став имаше и потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев, кој во интервју викендов најави дека во неговата партија се размислува за сите сценарија, па дури и за бојкот, но се надева дека нема да се случи непосакуваното.
На оваа тема првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека не посакува никој да бојкотира и дека таквото сценарио воопшто не е посакувано.
– Не може да има бојкот на избори од никој! Сите поднесоа кандидатски листи, кандидатите потпишаа изјави на нотар, ДИК ги прифати тие листи, а потоа сите добивме бројчиња. Изборите се веќе јасно дефинирани. А тоа дали некој ќе ја бојкотира кампањата, верувајте дека не сакаме никој да направи такво нешто. Граѓаните нека ги ценат аргументите, ние остануваме отворени за разговор – изјави Заев.

Каков е ставот на аналитичарите за последиците од можниот бојкот
на изборите

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев вели дека бојкотот на изборите и состојбите што би дошле по тој чин, со сигурност дополнително би ја искомплицирале поставеноста на правниот систем во државата и на самото правосудство.
Калајџиев вели дека ние во овој момент и онака имаме големи проблеми во правосудството, кои се најавуваат посткорона-кризата, а со некоја политичка дестабилизација на земјата сѐ би отишло во несакан правец.
– Сега во овие моменти во правосудството имаме пренатрупани предмети, чии рокови се пробиени поради случувањата со коронавирусот, за кои во овој момент немаме никакво решение. Дополнително некоја нова компликација само би ја влошила состојбата – вели тој.

Според него, правосудството честопати е во изборните кампањи на политичките партии, но од досегашното негово искуство ниту една од нив не сторила реални чекори да ги подобри состојбите, а ниту власта ниту опозицијата во моментов не се убедливи во тврдењата дека реално нешто можат и сакаат да подобрат во овој државен сектор.
– Добивам впечаток дека во општеството се премолчуваат системски проблеми во правосудството, но и општо во сите сегменти на општеството, а како да се очекува тие сами од себе дека ќе се решат. Со некоја нова компликација тие само ќе се продлабочат, а ние сега наместо избори и бојкот треба да размислуваме како да направиме во земјава да се мрднат работите од оваа точка и да ги подобриме актуелните состојби – резимира професорот.
Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Сашко Клековски, вели дека нашата земја од Европската Унија има услов за т.н. европеизација, кој подразбира подобрување на состојбите во Македонија и воспоставување политички дијалог.

Според Клековски, во тој правец ние имавме и договор наменет токму за воспоставување дијалог, според кој, и власта и опозицијата мораат да постигнат одредена согласност за повеќе важни теми и потоа да се замине на избори, па токму и сегашните дилеми за бојкот или не се поврзани со оваа проблематика.
– Имено т.н. пржинска влада е условот според кој може да се одредат одржување на изборите, која се остварува во услови каде што мора да има согласност меѓу власта и опозицијата по овие прашања. Доколку тоа не беше предуслов, како секаде во светот каде што не се потребни овие мерки, мнозинството во земјата би си одредило само без да се консултира со опозицијата кога треба да се замине на избори – вели Клековски.
Според него, шансите да ескалираат состојбите во несакан правец се мали, но доколку се случи бојкот земјата би се вратила како во 1994 година и сето тоа би покажало дека немаме демократски капацитети и воопшто не сме напреднале во овој процес.
Тој додава дека најголема штета со сигурност би имале граѓаните и државата што би се одразило во сите сегменти на живеењето, исто како и во правецот на нашите евроски аспирации.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски има интересна аргументација на темата за бојкот на изборите, односно дека бојкотот е невозможен и од формалноправен аспект.
– Конкретно во оваа ситуација за ВМРО ДПМНЕ, тврдам дека формално правно не е изводливо да го бојкотира изборниот процес бидејќи таа одлука обично се носи пред да се започнат процедурите за носење на кандидатските листи, пред изјавите за потенцијалните пратеници да бидат потпишани на нотар и слично. Но оваа форма опозицијата може да ја спроведе со политички средства односно по гласањето, да ги оспори резултатите или да ги врати мандатите што ќе ги освои и слично. Тоа е крајно негативно сценарио и од него со сигурност никој нема да профитира. Бојкотот доведе до превирања внатре во опозицијата, која ќе биде надвор од парламентот, ќе ја исфрли партијата надвор од системот и ќе биде во многу неповолна позиција да го зголемува рејтингот и да се промовира. За владејачката партија што би победила на изборите, исто така, е лошо сценарио бидејќи нејзиниот легитимитет на власт ќе биде оспоруван, а институциите на земјата ќе функционираат без механизми за контрола на опозицијата – истакнува аналитичарот.

[email protected]