Далеку сме од колективен имунитет

186
Фото: Игор Бансколиев

Според микробиолозите, колективен имунитет се стекнува ако 60-70 отсто од популацијата биле во контактот со вирусот, без разлика дали се инфицирале или биле асимптоматски случаи. Анализите на здравствените авторитети од направениот скрининг во Македонија покажуваат дека сме далеку од посакуваниот процент за да може да се зборува за колективен имунитет против коронавирусот

Може ли колективниот имунитет на населението да биде бариера против ширење на коронавирусот и како најлесно да се дојде до колективен имунитет? Колкав процент заразени се доволни за да се зборува за колективен имунитет и за ефектите од него?

Ова се некои од дилемите за кои јавноста сега носи претпоставки и прогнози што ќе се случува во иднина, откако во државата изминативе два месеца има драстичен пораст на новозаразени, а наедно Владата ги укина сите рестриктивни мерки за заштита. Дали ова е патот по кој може да се стигне до колективен имунитет.
Анализите на здравствените авторитети од направениот скрининг во Македонија покажуваат дека сме далеку од посакуваниот процент за да може да се зборува за колективен имунитет.
Властите во Шведска се многу критикувани за опуштениот пристап околу коронавирусот. Тамошно истражување покажало дека само 7,3 отсто од жителите на Стокхолм развиле антитела на коронавирусот, што покажало дека дири и Шведска е далеку од стекнување колективен имунитет на населението.
Според епидемиолозите, колективниот имунитет значи дека колку повеќе луѓе се имуни на одреден вирус, толку повеќе ќе претставуваат бариера за воспоставување синџири на инфекции. Така, на вирусот ќе му биде потешко да најде чувствителни поединци или домаќини. За различни вируси прагот на колективниот имунитет е различен.

Микробиологот Никола Пановски вели дека во однос на другите вируси, колективен имунитет се стекнува ако 60 до 70 отсто од популацијата биле во контактот со вирусот, без разлика дали се инфицирале или биле асимптоматски случаи.
– Сѐ уште нема доказ дека сите што биле во контакт со вирусот станале имуни. Антителата кај некои траат подолго, кај некои помалку. Ова сѐ уште се испитува и сѐ уште е рано да се даде прецизна прогноза – посочува Пановски.
Сепак, според него, ако колективниот имунитет не се стекне по природен пат, уште потешко ќе се стекне со вакцинација.
– Ако уште година до година и пол со ова темпо се шири вирусот, тогаш ќе можеме да очекуваме дека може да се стекне некаков колективен имунитет. Во оние места или делови од земјата каде што има поголемо негово ширење и поголем број заболени, побрзо и ќе се стекне колективниот имунитет – вели докторот.

Пановски посочува и дека ако сега имаме околу 7.200 вкупно детектирани позитивни случаи на вирусот, тоа значи дека ако помножиме со 10, ќе испадне дека 72 илјади луѓе од земјава имале контакт со вирусот.
– Околу 1.500 луѓе да бидат дневно во контакт со вирусот, за година и пол можеме да очекуваме да стекнеме некаков колективен имунитет. Во случајот за очекување е дека кога 30-40 отсто од популацијата ќе има контакт со вирусот, ќе почне неговото намалување на ширењето, зашто ќе се сретне со повеќе имунизирани луѓе – нагласува микробиологот Пановски.

Инаку, имунолозите велат дека немањето антитела не мора да значи дека организмот нема одбранбен механизам ако претходно имал контакт со вирусот. Сметаат дека при повторна изложеност подобро ќе се справат оние што создале клеточен имунитет. Токму ова е фокусот на научниците последниот период.
– Прво, научниците беа насочени кон детектирање антитела за да се процени изложеноста на инфекцијата на популацијата и евентуално заостанат имунитет за заштита од следна инфекција.

Последните неколку недели истражувањата за клеточниот имунитет се сѐ поинтензивни, односно за клетки што не создаваат антитела и може да го убијат вирусот, но нема да остават траги – посочуваат имунолозите.
Според податоците од Институтот за трансфузиона медицина, досега 36 оздравени пациенти од ковид-19 дарувале крвна плазма. Само толку од над 100 тестирани имале доволно антитела и ги исполнувале условите, а интерес за дарување пројавиле повеќе од 300 граѓани.


СЗО ги испитува доказите за ширење на коронавирусот преку воздух

Светската здравствена организација ги разгледува доказите на над 200 научници, кои предупредуваат дека микроскопските честички на коронавирусот можат да се задржат подолго во воздухот и да ги заразат лицата што ќе ги вдишат.
– САРС-ков-2, вирусот што го предизвикува ковид-19, се шири главно преку мали капки од носот и устата на заразено лице, кои веднаш паѓаат на површините – пренесува „Ројтерс“.
Во отвореното писмо до организацијата со седиште во Женева објавено во списанието „Клинички заразни болести“, 239 научници од 32 земји претставиле докази што покажуваат дека од честичките што се задржуваат во воздухот можат да се заразат лица што ќе ги вдишат.

Поради овие честички што се задржуваат во воздухот, научниците бараат од СЗО да ги ревидира неговите препораки.
– Не е јасно колку често коронавирусот може да се шири преку воздух или преку аеросоли наспроти поголемите капки при кашлање и кивање.
Секоја промена во процените на СЗО за ризикот од ширење на вирусот може да влијае на актуелните препораки за одржување најмалку еден метар физичка дистанца. Владите, кои се потпираат на препораките на организацијата, исто така можеби ќе треба да ги ревидираат мерките за заштита на јавното здравје за да се спречи ширењето на вирусот – пренесува „Ројтерс“.

[email protected]