Давањето на европска перспектива на Македонија ќе ѝ се исплати на ЕУ

95
фото Маја Јаневска-Илиева

Мислам дека се исплати на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива, порача германската канцеларка Ангела Меркел пред почетокот на денешниот лидерски самит на ЕУ во Брисел.

Според Дојче Веле, таа во Бундестагот се осврна на темата за проширување на ЕУ со Северна Македонија и Албанија и се изјасни во прилог на давање европска перспектива на Македонија и на Албанија.

– Германија чувствува посебна приврзаност кон земјите од Западен Балкан и сака да ги приклучи кон ЕУ. Мораме да опстоиме на дадените ветувања кон овие земји, зашто тоа ќе значи и обезбедување стабилност и благосостојба на самата ЕУ – истакна Меркел.

Сепак, шансите за постигнување согласност на ЕУ-самитот не се добри, смета таа, откако вчера францускиот претседател Емануел Макрон вчера порача дека Северна Македонија и Албанија ќе треба уште малку да причекаат за почеток на преговорите со ЕУ, образложувајќи го својот став со потребата од реформи на ЕУ и на преговарачкиот процес.