Грчките медиуми ја пренесуваат анкетата за референдумот во Македонија

171

„Анкета – ПЈРМ: Водство на оние што би гласале „да“ на референдумот“; „Со 41.5% е во предност „да“ за прашањето за името на ПЈРМ, според анкета“; „Поделени граѓаните во ПЈРМ во пресрет на референдумот“; „Истражување – ПЈРМ: Водство од 6.5% за „да“ за Договорот од Преспа“; „Во Скопје, во водство е „да“, избори се можното сценарио“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, дел од грчките медиуми технички го пренесуваат текстот објавен од новинската агенција „АНА-МПА“, а дел го преземаат од МИА.

– Со над 40% е во предност „да“ на референдумот за прашањето за името на ПЈРМ, според истражување на јавното мислење – пишува „АНА-МПА“.

– Според истражувањето спроведено од агенцијата М-проспект за МЦМС, а објавено од скопската агенција МИА, „да“ е во предност од 6.4% во однос на „не“, во период кога на претходните анкети, во предност беше „против“, пишува информативниот портал „Ин“.

– Соседната земја се наоѓа во предизборен период, бидејќи на 30 септември ќе се одржи клучниот референдум за одобрување или отфрлање од граѓаните на Договорот од Преспа, кој носи промени во името и Уставот на земјата. Според последната анкета, „да“ за Договорот од Преспа е во предност за 6.4% во однос на „не“ – пишува „Ефимерида тон синдактон“.

Информативниот портал „Reader“, референдумот го поврзува со предвремени парламентарни избори, за владата да го има потребното мнозинство за уставни промени.

– Водството од 6% за „да“ на претстојниот референдум во ПЈРМ се чини дека предизвикува доза на оптимизам во Атина и Скопје. Ако овие бројки се потврдат при гласањето, Атина смета дека е веројатно Зоран Заев да избегне итно свикување на собранието за почеток на процесот за уставна ревизија, а веројатно ќе распише избори, за новото собрание што ќе се формира да се стреми кон уставно мнозинство заедно со албанските партии со кои соработува (односно да има 80 од 120 пратенички места) – пишува искусниот новинар од порталот и додава дека доколку се оди како што треба, тоа би значело оти Договорот од Преспа, во грчкиот парламент би дошол на почетокот од 2019.