Грција ќе ја интензивира својата лоби-агенда во ЕУ заради почнување преговори со Македонија

86
Никос Дендиас и Зоран Заев

По барање на премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, во следниот период ќе се интензивира грчката лоби-агенда во европските центри на моќ, во кои ќе се бара начин како Македонија што е можно побрзо да го почне процесот на преговори со Европската Унија. Тоа вчера го најави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас при средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје.

Заев се заблагодари за севкупната поддршка од Владата во Атина и се осврна на потребата од зголемување на економската размена, но и на подобрување и отворање нови инфраструктурни канали што треба да ја поддржат бизнис-заедницата. Грција, иако е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, претендира во следниот период да дојде на првото место, а постигнувањето на Преспанскиот договор, како што се согласија Заев и Дендиас, е извонредна можност за зајакнување на економските врски помеѓу двете држави.

Претходно, значаен напредок во спроведувањето на Договорот од Преспа бил констатиран на средбата помеѓу Дендиас и неговиот македонски колега Никола Димитров.

– Договорот отвори огромен потенцијал за соработка помеѓу две соседни европски држави. Ако го решевме прашањето во 90-тите години, сега ќе бевме многу напред. Договорот создава повеќе правни обврски за нашата страна, но и делови каде што имаме еднакви обврски, како брендовите и трговските марки – рече Димитров.
Дендиас, кој беше во прва посета на земјава, требаше да се сретне и со претседателот Стево Пендаровски.