Грција и Македонија треба да бидат пример за пријателство на Балканот

178

Средба Османи-Дендијас

Грција и Македонија треба да бидат пример за пријателство на Балканот, беше заклучено на средбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со грчкиот шеф на дипломатијата, Николаос Дендијдас, што се одржа во Атина.

– Фокус на разговорот меѓу двајцата колеги, на двете земји соседи беа воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство, познат како Договорот од Преспа. Покрај доминантните теми за интензивирање и унапредување на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓу граничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина – соопшти МНР.

„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакнал Османи.

Тој кажал дека смета дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија, без одложување.

„Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рекол Османи.

За време на официјалната посета на Османи на Грција биле потпишани три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.

На агендата на Османи на официјалната посета на Грција се и средба со претседателката Катерина Сакеларопулу, со премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.