Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија, економските односи бележат нагорен тренд

146

Премиерот Зоран Заев вечерва оствари средба со премиерот на Република Грција, Кирјакос Мицотакис, на маргините на Самитот во Солун. Премиерите Заев и Мицотакис, заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов се поканети на Самитот како говорници на панелот насловен „Југоисточна Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформи”.

Како што соопшти Владата, на средбата со премиерот Мицотакис, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, се разговараше за повеќе прашања, меѓу кои прашањето на поддршката на Грција во претстојниот период за да се забрза претстојниот процес за старт на преговорите на нашата земја за членство во ЕУ.

– Двајцата премиери изразија согласност дека позитивниот исход на ова прашање со што ќе биде потврдена европската перспектива на Северна Македонија, ќе биде од огромен придонес за сигурноста и стабилноста на регионот и ќе биде дополнителен поттик за економските односи кои од потпишувањето на Договорот од Преспа бележат нагорен тренд. Во разговорот беше нагласено дека тоа е нов поттик за економските врски меѓу двете земји и произлегува и од фактот дека Грција е втор најголем трговски партнер на нашата земја, чија вредност на вкупните инвестиции во Северна Македонија ја става на високото трето место.

Двајцата премиери на средбата ја потврдија посветеноста на двете земји за целосна и непречена имплементација на обврските на двете страни утврдени во Договорот од Преспа. Како позначајни се истакнати заложбите за прогрес на работите на граничните премини кои ќе донесат придобивки за двете земји, за поврзување на регионите, како и за можноста што новите гранични премини ги отвораат за продлабочување на економската соработка.

На средбата меѓу претседателите на владите на Северна Македонија и на Грција беше истакнато дека ќе се обезбедат услови за поинтензивна работа на комисиите на двете земји кои работат на утврдувањето на трговските марки. Заев на средбата истакна дека очекува премиерот Мицотакис да ја посети нашата земја за да продолжат средбите кои ги охрабруваат односите меѓу двете земји – се вели во соопштението.