Груевски и натаму недостапен за органите на прогонот

1096
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поранешниот премиер Никола Груевски и натаму е недостапен за полицијата која трага по него за да го спроведе на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

Засега нема информации дали МВР го лoцирало Груевски. Од МВР велат дека полицијата продолжува да постапува по распишаната потерница и дека ќе ја информираат јавноста штом ќе имаат конкретни сознанија.

Полицијата синоќа во неколку наврата се обиде да го најде Груевски во неговиот дом, но без успех. Полициски екипи беа и кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатот на Груевски, Димитар Дангов вчера изјави дека нема сознание каде се наоѓа неговиот клиент. Тој вели дека Груевски нема право на жалба до Врховен суд за одлуката од Кривичен. Сепак, додаде, дека ќе се искористат сите останати правни можности.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека не очекува поранешниот премиер Никола Груевски, кој се бара со потерница, да си дозволи да бега.

– Јас очекувам дека нема да си дозволи да се трага по него. Tој велеше дека нема да си дозволи такво нешто, барем такви се моите сознанија од кажаното од Никола Груевски – рече Заев на вечерашното гостување на МТВ. Додаде дека за акцијата нема сознанија, и за повеќе информации упати на МВР.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека против нивниот поранешен лидер и почесен претседател се води хајка и полтички прогон.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека “ова не е само напад врз ВМРО-ДПМНЕ, ова е напад врз слободата, врз главната опозициска сила, врз критичката мисла, каква не познава модерна Европа и пошироко во Светот“.

– Зарем лицето по кого со години водите политичка хајка, фрлате со дрва и камења и кого го третирате за државен непријател сакате да кажете дека не знаете каде се наоѓа? Како кога до вчера, исто како него, сите нас не следите, се заканувате, претите, наведува Мицкоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев најави дека партијата ќе ги преземе сите правни, демократски и сите неопходни средства за, како што рече, да застане на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолчување на опозицијата.

– Доколку полицијата поседува налог и навистина се сомнева дека Никола Груевски е во штабот може слободно да дојде и со нас да провери. Ова е политички прогон, ништо повеќе, ништо помалку – кажа Јанушев.

Потерницата од МВР беше распишана на барање на Кривичниот суд, откако Груевски не се пријави во затворот во предвидениот рок. Судот вчера попладне во 16.30 часот го достави до СВР Скопје барањето за издавање потерница против Груевски, откако и зминативе денови судските курири не успеаја да му го достават решението на Советот на судот со кое се одбива неговата жалба во однос на двегодишната затворска казна за „Тенк“.

Инаку, Никола Груевски, како поранешниот премиер, согласно законот, има право на физичко обезбедување од Шестата управа во траење од 10 години. Го обезбедуваат шестмина припадници на Одделот за заштита на определни личности и објекти при МВР. Сепак, како што појаснија правни експерти за МИА, шестмината полициски службеници не се 24-часовно ангажирани за неговото обезбедување, односни работните задачи ги извршуваат во зависност од потребите на личноста.

Поранешниот премиер нема пасош, а исто така е под мерки на претпазливот, поради судските процеси кои се водат против него. Пасошот му е одземен на 3 јули 2017 година со одлука на Кривичен, а на барање на СЈО за случајот Титаник, за кој ново рочиште е закажани за в среда. Мерката претпазливот ја потврди и Апелацискиот суд на 23 јули и тој еднаш месечно треба да се јавува во Кривичен суд.

Екс премиерот покрај во случајот „Тенк“ во кој е осуден со правосилна пресуда на казна затвор од две години, се јавува како осомничен и во уште неколку случаи отворени од СЈО: Насилство во Центар, Титаник, Траекторија, и Талир.