Граѓаните и екологистите апелираат: Дајте нов совет за безбедност

521
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен дождот и ветрот, кои во изминатиот период колку-толку придонесоа за намалување на загадувањето на воздухот, други бенефиции од седницата за Советот за безбедност засега нема. Изминатите денови загадувањето е повторно на рекордно високо ниво, со фатални последици по човековото здравје. Граѓаните и екологистите бараат итни мерки, а прашањето со загадувањето да се третира како закана по националната безбедност

Минува полека првиот месец по долгонајавуваната седница на Советот за безбедност, на која се расправаше за состојбата со загадувањето на воздухот во повеќето македонски градови и по која се очекуваа и брзи решенија, но, освен дождот и ветрот, кои во изминатиот период донекаде придонесоа за намалување на загадувањето на воздухот, други бенефиции од седницата на Советот за безбедност засега нема. Изминатите денови загадувањето е повторно на рекордно високо ниво, што носи фатални последици по човековото здравје.
Главната идеја за свикување на Советот за безбедност, како што тогаш образложи претседателот Стево Пендаровски, е да се подигне јавната свест на повисоко ниво и проблемот со загадувањето да се третира системски, а не ад хок. Тоа само по себе подразбира и брзо преземање мерки во насока на намалување на загаденоста на воздухот, кое за жал не се случи.

Екоактивистите сметаат дека само повикот за подигање на јавната свест не донел ништо и дека е потребна сериозна акција доколку државата сака да се справи со овој огромен проблем и затоа бараат нова седница на Советот за безбедност на која ќе присуствуваат и експерти, а прашањето со загадувањето ќе се третира како закана по националната безбедност.

– Очекуваме да бидат повикани експерти што најдобро го познаваат проблемот, а не политички претставници. Очекуваме експерти да ги презентираат сегашната алармантна состојба и системските слабости, на седницата да бидат изнесени информации за илегални активности во оваа област што ги поседуваат службите, вклучувајќи и информации што ги поседува италијанскиот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Федерико Кафиеро Де Рахо. Да се предложи надминување на овој национален безбедносен проблем со ангажирање на сите потребни ресурси и да се донесат заклучоци што ќе дадат насоки на дејствување на државните органи што носат одлуки и ќе ги забрзаат позитивните трендови за решавањето на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. На овој начин очекуваме да се намалат жртвите од загадувањето во најкраток можен рок – порачуваат екоактивистите.

Додека планинските врвови низ земјава деновиве се капат во сонце и снег, повеќето градови се обвиени со магла, која дополнително влијае врз зголемувањето на загадувањето, а со тоа и врз здравјето на луѓето. Доказ за тоа е и алармантниот извештај на Светската здравствена организација, во кој се посочува дека годишно во светот од последиците на загадениот воздух умираат седум милиони луѓе.
– Од смогот што ги прекри градовите до чадот во затворените простории, загадувањето на воздухот е голема закана за здравјето и климата. Комбинираните ефекти од загадувањето на околината и домаќинствата секоја година предизвикуваат околу седум милиони предвремени смртни случаи, предизвикани главно од мозочен удар, срцеви заболувања, хронични опструктивни белодробни заболувања, карцином на белите дробови и акутни респираторни инфекции – се посочува во извештајот на СЗО.
Понатаму се додава дека повеќе од 80 проценти од луѓето што живеат во градските средини каде што се следи квалитетот на воздухот се изложени на ниво на загадување на воздухот што ја надминува безбедносната граница на СЗО.

– Македонија систематски се труе. Во Македонија карциномот е почеста болест од сезонскиот грип. Жртви се граѓаните на кои за тешки пари веќе почнаа да им ги перат мозоците со ветувања за рај на земјава, приредувајќи им вистински пекол. Буквално. Сè над 50 микрограми ПМ 10 честички е чист канцероген отров. Кичево со цели 982, Тетово со 964, Кавадарци, Струмица и така натаму. Скопје е денес петти најзагаден град во светот. И така со денови. Го снема ветерот и повторно сме оставени на мојата дефиниција, која објаснува сѐ: страдаме од смртоносната комбинација од незнаење и корупција. Колку и да анализирате, доаѓате до овие две работи. Трето нема – смета Солза Грчева, политичарка.

Од друга страна, одговорните тврдат дека загадувањето не е толку големо и дека тоа се должело на свеста на граѓаните и на активностите на централната и локалната власт.

– Оваа година не е загадено како другите години, бидејќи заеднички, координирано и благодарение на зголемената свесност на граѓаните и со активностите на централната и локалната власт имаме помалку објекти што загадуваат. И никаде во светот не постои друго решение за загадувањето на воздухот, освен со елиминирање на изворите на загадување – вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

Притоа надлежните најавија и нов проект во рамките на планот за чист воздух наречен „Јас не загадувам“, а кој е наменет за јавни објекти.


База на податоци за спречување криминал со отпадот

Федерико Кафиеро де Рахо минатата година во Скопје присуствуваше на конференција, на која најави дека Македонија ќе добие пристап до базата на податоци креирана од италијанскиот Директорат за гонење мафија и тероризам. Сите податоци за можни криминални активности што ги добива директоратот, со кој раководи Де Рахо, се влеваат во неговата база на податоци, а во неа има милиони информации што се депонирани таму од 1992 година до денес.
Целта е да се засили заедничката борба против транснационалниот организиран криминал, на регионално и глобално ниво и пред сè зајакнување на правната рамка, на капацитетите и размената на информации за таквите случаи, откако повеќето медиуми почнаа да пишуваат дека во тргувањето со отпад во регионот може да се вклучени и организирани криминални групи. Токму поради увоз на отпад, неодамна оставка поднесе и бугарскиот министер за животна средина Нено Димов. Македонските власти и натаму тврдат дека отпадот што се увезува во државата и се гори не е токсичен, а фирмите што го увезуваат поседуваат лиценци.