Граѓаните во исчекување на ефикасна администрација

139
Фото: Игор Бансколиев

Експертите се согласни дека администрацијата има потреба од департизација, зголемување на ефикасноста, намалување на големиот број вработени и бројот на институциите, да има брзи, ефикасни и квалитетни услуги. Универзитетски професори, кои добро ги познаваат проблемите во однос на организацијата на македонската администрација, велат дека останува да се види дали политичарите ќе останат доследни на предизборните ветувања, а согласни се и дека некои министерства треба да се укинат

Дали новата влада ќе продолжи да ги полни институциите со партиски кадри?

Дали новата влада ќе преземе конечен чекор да ја реформира администрацијата и да ја направи вистински сервис на граѓаните или, пак, ќе продолжи како и сите влади досега, администрацијата да биде место за згрижување на партиските кадри? Не е новина она што со години се случува со вработените административци што не одат на работа, а за сметка на тоа земаат плата.
Она што веќе одреден период ја бранува јавноста се 1.406 вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое е формирано пред една и пол година, а со него раководи министерот Садула Дураку, кој има свој заменик и државен секретар. За оваа година од буџетот се издвоени близу 9 милиони евра за плати на вработени лица во ова министерство. Министерот на работа оди во зградата на Владата.
Во изборната кампањата СДСМ, партија што освои и најмногу мандати, вети дека во следниот мандат ќе ги укинат сите министерства без ресор, зашто по Законот за влада треба да има 16. Најавија и намалување на бројот на вработени во јавната администрација за 20 отсто. И во програмите на другите политички партии се нагласува потребата од реформа на администрацијата.

Експертите се согласни дека администрацијата има потреба од департизација, зголемување на ефикасноста, намалување на големиот број вработени и бројот на институциите, да има брзи, ефикасни и квалитетни услуги, но и да има израмнување на платите.
Универзитетски професори, кои добро ги познаваат проблемите во однос на организацијата на македонската администрација, велат дека останува да се види дали политичарите ќе останат доследни на предизборните ветувања, а согласни се и дека некои министерства треба да се укинат.
Борче Давитковски, професор на Правниот факултет, вели дека реформите во администрацијата не се случиле досега зашто ниту една владина гарнитура немала политичка волја. Смета дека ваков тип реформи се прават на почеток на мандатот, односно не се оставаат за последната година од владеењето.

– Проблемот не е во многубројната администрација, туку во тоа што вработените не се функционално распределени. Има повеќе вработени во јавните установи отколку во тие институции каде што администрацијата треба да е директен сервис на граѓаните. Затоа и граѓаните не ја гледаат на терен користа од администрацијата – посочува Давитковски.
За конкретното Министерство за политички систем посочува дека станува збор за вештачко министерство, чии вработени се фиктивна творба. Таму, според него, во заднината се кријат околу 1.500 лица што со години формалноправно се вработени и земаат плата, но не одат на работа.
– Од 26 или 27 министерски ресори треба да се сведат на 16 ресори. Проблемот кај нас е тоа што тие министерства без ресор се делат меѓу коалициските партнери во Владата – посочува Давитковски.

Во јавната администрација има вкупно 160 илјади вработени. Од нив околу 18 илјади се вработени во државната администрација, односно во министерствата и во локалната самоуправа.
– Како држава се движиме од 23 до 30 отсто вработени во јавен сектор од вкупниот број на вработени. Тоа не е премногу, но проблемот е што е нефункционално распределен бројот на вработените. На пример, во образованието се вработени 40 илјади, од кои половина се наставници, професори, а остатокот е администрација – објаснува професорот.
Според него, најголемиот проблем ќе се случи кога ќе почнеме преговори со Европската Унија.
– Кога ќе видат министерство, кога ќе видат толку луѓе, кога ќе видат дека нема ништо, ниту веб-страница, ништо, ни портпарол, ни човек за пристап на информации од јавен карактер, едноставно ќе сфатат дека ова е вештачка творба – нагласува тој.
Предлозите за трансфер на администрацијата во приватниот сектор ја смета како несоодветен предлог, зашто тоа многу тешко може да профункционира во наши услови.
Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, вели дека процесот на реорганизација на администрација е процес што ќе трае.

– Најавивме дека е потребна реорганизација на институциите во системот, некои да се спојат, некои да се укинат или реорганизираат, потоа да се намали бројот на вработени, дел од нив со природен одлив, дел со преквалификации, но и со пакети со испратнини. Главна видлива реформа за граѓаните треба да биде дигитализација на електронските услуги – посочува Манчевски.
Укинување или формирање ново министерство е одлука што се носи со двотретинско мнозинство, односно ќе треба согласност и од опозицијата. Таков беше случајот и при формирањето на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Досега од Владата посочија дека нема иницијатива за укинување на ова министерство.

[email protected]