Граѓаните без реална моќ да влијаат на законите

112
Фото: Игор Бансколиев

Од квалитетот на законските решенија во голема мера зависи и степенот на демократијата и квалитетот на животот генерално. Лошите законски решенија, кои ги има и кај нас, ги уназадуваат државата и општеството. Последиците од тоа најмногу ги чувствуваат граѓаните, немоќни да променат што било. Од друга страна, најчестиот проблем во реалноста со кој се судира граѓанската иницијатива, ако го помине бирократскиот отпор за нејзино разгледување, е соочувањето со опасноста таа да биде партизирана

Сите дефиниции на демократијата, каков било аспект да зафаќаат, се темелат на фактот дека граѓанинот е центарот на општеството, тој ги креира (посредно или непосредно) начините и модалитетите врз кои ќе функционираат односите во тоа општество. Сето тоа подразбира дека на граѓанинот му е отворена можноста активно да учествува во формирањето на легислативата (законите) со која се регулираат општествените односи. Овој принцип на демократијата теоретски е применет и во македонскиот правен систем, па граѓаните имаат право и можност во јавна расправа или преку поднесена иницијатива до овластен предлагач, индивидуално или здружено во граѓански организации, да предложат одредени законски решенија до законодавецот, односно до Собранието. Овластени предлагачи на закони се обично пратениците во Собранието, Владата и ресорните министерства. Но заплетот на секоја граѓанска законска иницијатива обично (не) се случува најмногу поради сомнежот во нејзиниот успех, кој создава отпор од двете страни: и кај граЃанинот-иницијатор и кај овластениот предлагач што треба да ја разгледа иницијативата. Во таа насока се поставува и прашање колку граѓаните можат директно да учествуваат во креирањето на законските решенија, дали и колку се слуша нивниот глас, или се користат повеќе како параван за спроведување одредени партиски политики.

Од квалитетот на законските решенија во голема мера зависи и степенот на демократијата и квалитетот на животот генерално. Лошите законски решенија, кои ги има и кај нас, ги уназадуваат државата и општеството. Последиците од тоа најмногу ги чувствуваат граѓаните, немоќни да променат што било.
– Опцијата за граѓаните самостојно да предлагаат закони, за решавање проблеми со кои секојдневно се соочуваат, теоретски е отворена и пожелна. Во денешно време е доволно да имаат електронска пошта и преку неа да се испрати одредена иницијатива за некое законско решение до соодветна служба во некое министерство, до Собранието, или до некој пратеник… Но вистинското прашање е колку таквата иницијатива ќе биде земена предвид од страна на државата, односно дали постои систем што ќе ги филтрира тие граѓански предлози. За да функционира таков систем на селекција, прво треба некој да ги чита тие предлози и да ги испрати на понатамошна разработка. Притоа таквите предлози не мора да бидат целосно и прецизно правно поставени, но можат да претставуваат добра појдовна идеја за законско оформување во државните служби. Сепак, не ми е познато дека има баш многу позитивни искуства од спроведени граѓански иницијативи во законски решенија – вели политикологот Владимир Божиновски.

Божиновски смета дека таквите граѓански иницијативи се практично поизводливи на ниво на локална самоуправа, но сепак е скептичен во врска со нивно спроведување како поцелосно системско законско решение. Најчестиот проблем во реалноста со кој се судира граѓанската иницијатива, ако го помине бирократскиот отпор за нејзино разгледување, е соочувањето со опасноста таа да биде партизирана. Реалната можност некоја од партиите да ја монополизира таквата идеја создава недоверба, скептицизам и најчесто ја осуетува искрената граѓанска иницијатива кај поединците или здруженија на граѓани, кои се декларираат како непартиски.

– Токму поради партиското киднапирање на државата, кое непрекинато нѐ врти во круг, запазувајќи ја горе-долу формата на демократијата, а изигрувајќи ја нејзината суштина, мора да се воведат форми каде што граѓанинот ќе си го врати своето место, местото што му припаѓа: во центарот на системот. Тој не смее да има право само да гласа на избори (гледаме дека повеќе ниту со кран не можат да се извлечат, и тоа е добрата вест), туку постојано истиот тој граѓанин мора да има општествена одговорност и можност да ги коригира состојбите во зависност од тоа дали функционерот избран по мнозинскиот систем (како претседателот и градоначалниците) или по пропорционалниот (како пратениците, кои пак ја избираат владата со сите министри во неа), се пропишуваат законски механизми што ќе овозможат отповикливост на секој функционер. Тоа ќе значи дека оние што ги избрале, тие ќе ги отповикаат – смета професорката Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија.

Постојат уште низа нелогичности што ја релативизираат граЃанската иницијатива во предлагање законски решенија, а една од нив е дека тоа треба да бидат капитални, системски законски решенија, додека секојдневните ситуации со кои се соочуваат се „прескокнуваат“ како банални.

– Во извесна смисла, и граѓаните, а и овластените предлагачи во нашето општество имаат мегаломански пристап и кога станува збор за законските иницијативи. Па предлозите најчесто се испраќаат до премиерот, министерот, министерството…, а некако се превидуваат реалните секојдневни состојби и проблеми со кои се соочуваат и за кои се потребни законски иницијативи. Сепак, и за државата е добро да ги разгледува и да ги прифаќа таквите идеи – и како пиар-стратегија, но секако од таквите предлози можат да произлезат прифатливи и позитивни законски решенија – смета Владимир Божиновски.

Собранието организира отворен ден за граѓаните, но колку тие може да влијаат во подобрување на законските решенија е клучното прашање   Фото: Игор Бансколиев