Го чува Бигорски цел работен век

2629

За Бигорскиот манастир ме врзуваат многу спомени. Тој е дел од мојот живот, вели Милан Јанкоски, кој целиот работен век го обезбедува Бигорскиот манастир, односно го чува. Во почетокот на 2022 година тој треба да замине во пензија. Кога ќе помислам дека се ближи денот кога ќе треба да се разделам од ова македонско древно духовно светилиште, ми паѓа тешко, вели нашиот соговорник

Недела. Сончев и топол ден. Во утринските часови многу луѓе, речиси од сите краишта на Македонија, го посетуваат бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. На влезот ги пречекува Милан Јанковски, обезбедувач на манастирот, несоодветно облечените жени и девојки ги замолува да земат престилка за да ги покријат панталоните, а тие што немаат заштитни маски на лицето да стават. Така постапува секој ден кога е на смена.
– Целиот работен век го обезбедувам Бигорскиот манастир, односно го чувам, а на почетокот на 2022 година ќе заминам во пензија. Кога ќе помислам дека се ближи денот кога ќе треба да се разделам од ова македонско древно духовно светилиште, во кое го минав целиот работен век, ми паѓа тешко. За Бигорски манастир ме врзуваат многу спомени. Тој е дел од мојот живот. Тука стекнав многу пријатели од сите краишта на поранешна Југославија, од странство, а контактите ги одржувам – ни вели 62-годишниот Милан Јанкоски,.

Првиот контакт пред да влезат во манастирот гостите го имаат со обезбедувањето, од кое добиваат одговори на поставените прашања: дали водата од трите дулки се пие, како треба да се однесуваат во манастирскиот комплекс, кога почнуваат, колку траат богослужбите и слично. Од односот на обезбедувањето и на монасите, гостите го градат мислење за манастирот. Впрочем, посетителите задоволни го напуштаат Бигорски, со ветување дека пак ќе дојдат тука да се напојуваат со духовноста, историјата, културата, традицијата, која е собрана во десетте столетија на опстојувањето.
Во разговорот дознавме дека Милан е роден во кичевското село Букојчани. Татко му Наќе бил на печалба во Белград. Оддалеченоста од семејството го принудила да се врати од печалба и во 1960 година се вработил во националниот парк Маврово, како шумар во Долна Река, а со семејството биле сместени во шумарската куќа покрај реката Радика, на околу два километри оддалеченост од селото Ростуше.

– По завршувањето на образованието, во Ростуше изградивме семејна куќа во која живееме, се вработив во Републичкиот завод за заштита на споменици на Република Македонија, како чувар на Бигорскиот манастир – ни вели Јанкоски.
Единствен проблем во првите десетина години ми претставуваше како да стигнам на работа. Зимите беа долги и богати со снег. Дебелината на снежната покривка изнесуваше околу метар, па повеќе од еден час ми требаше да се пробијам низ снегот и да стигнам во Бигорски. Но условите во последниве дваесетина се променија, патот постојано е чист, нема снегови и со автомобилот брзо и без проблем доаѓам на работа – ни вели Јанкоски.

– Во периодот кога Бигорски беше заштитен од државата како споменик на културата, посетеноста беше мала. Најмногу народ доаѓаше на 10 и 11 септември, на патрониот празник на Бигорскиот манастир, само тогаш беше дозволено да има богослужба. Со обновувањето на монашкото братство во 1995 година, не само што се обнови црковниот живот туку постепено архимандритот Партениј, игумен на манастирот, и монашкото братство успеаја да ги обноват руинираните простории на манастирскиот комплекс, да му дадат живост, изградија нови црковни објекти, не само во Бигорски туку и нова црква во селото Ростуше, нови конаци во Раичкиот манастир, во Битуше го градат скитот посветен на светите Кирил и Методиј и друго – се присетува нашиот соговорник.

На Милан Јанкоски најтажен момент во животот му бил кога изгореа чардаците и сѐ што имаше во Горни палат. Како што вели, со тага и жалост одел на работа.
– Отец Партениј ни влеваше оптимизам дека ќе успеат да го обноват и сѐ што беше изгорено да го вратат автентично и со истиот сјај, што и се случи – вели Јанкоски.
Сега се проширува патот до манастирот, се гради манастирски конак за гости, се уредува паркинг-плацот пред манастирот и сл. Сето ова ќе придонесе гостите безбедно да дојдат и да имаат пристојно место за сместување и одмор во чист планински воздух и манастирски мир.