Го кријат ли „неопределените“ клучот на победата

237

Политичките анкети и истражувањата за јавното мислење публикувани периодов, во кој во земјава е во тек изборна кампања, покажаа дека приближно половина од македонските граѓани сѐ уште немаат изградено став за кого ќе гласаат на изборите. Некои аналитичари проценуваат дека партиите во наредниот период својот интерес ќе го насочат токму кон неопределените гласачи, кои засега покажуваат незаинтересираност и немотивираност, а некои дури и отпор кон изборите и колебливост за градење конкретен став за актуелната политичка понуда. Други, пак, сметаат дека овие избори најмногу ќе зависат од „однапред определените“…

Партиите во лов на партиски необоените гласачи

Ловот на неопределените гласачи, според експертите, веројатно, ќе биде исклучително важен за победа на изборите, кои ќе се одржат на 15 јули. Сепак, за да ги освојат токму нивните симпатии, партиите ќе мора да изградат соодветен пристап кон оваа група граѓани и да ја доближат својата програма до нив. Политичките анкети и истражувањата за јавното мислење публикувани во периодов, во кој во земјава во тек е изборна кампања, покажа дека приближно половина од македонските граѓани сѐ уште немаат изградено став за кого ќе гласаат на изборите.
Аналитичарите проценуваат дека партиите во наредниот период својот интерес ќе го насочат токму кон партиски необоените гласачи, кои засега покажуваат незаинтересираност и немотивираност, а некои дури и отпор кон изборите и колебливост за градење конкретен став за актуелната политичка понуда.
Политикологот Милан Стефаноски смета дека партиите за оваа голема целна група, која има потенцијал на овие избори да биде одлучувачка за победа, треба да изградат и што побрзо да применат различни методи за приод, приемливи за „неопределените“, и да понудат точно дефиниран концепт и добро структурирано сиже на својата политичка платформа.

– Ако им се понуди тоа што го бараат, тие ќе имаат мотив да гласаат. На пример, економијата. Но не само да се каже реторички: ние сакаме да ја подобриме состојбата на економијата, која е уништена од актуелните случувања со пандемијата, туку да се даде и одговор како да се реши. Поточно, да се излезе со конкретен концепт како да се постигне решение за проблемот. Истовремено, може да се понуди и конкретен одреден проект со план и рокови кога точно тој би се спровел, а не да се каже само дека некогаш би се случил – вели Стефаноски.
Интересно е размислувањето на политикологот Стефановски, кој посочува дека трендот на апатија кај гласачите почнал пред десетина година и сѐ уште трае, при што тој издвојува постоење на три групи граѓани што не гласаат на избори.
Според Стефаноски, првите се оние гласачи граѓани што не излегуваат да гласаат затоа што не ги интересира политика. Втората група се оние што се разочарани од политиката на партијата што во минатото ја поддржувале. Третата и последна група граѓани што не излегуваат на гласање се оние луѓе што сметаат дека ниту една пратија не ги артикулира нивните ставови.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу се осврна на феноменот на негативна кампања. Тој подвлече дека негативната кампања не е паметна стратегија. Според него, токму таквиот приод не може да најде плодна почва кај неопределените. Дури напротив, како што истакнува аналитичарот, негативната кампања, како специфичен вид и приод кон електоратот, може негативно да влијае не само кон неопределените гласачи туку и кон своето гласачко тело. Тука не станува збор за т.н. тврдо партиско јадро на гласачи и членови на партиите, туку за симпатизери на конкретни идеи и политички програми.
– Онаа партија што ќе успее наредните недели да промовира опции за надеж, таа ќе успее. На граѓаните им е прекуглава кога партиите се трудат да ве оттргнат од противникот, а не да ве привлечат кон себе – изјави Муслиу.
Петар Арсовски, истражувач на јавното мислење и политички аналитичар, има спротивно мислење. Имено, тој оценува дека на овие избори, од една страна, најмногу ќе зависат од определените, од партиските поддржувачи. Тој во своите перцепции, темелени на негови сондажи, тврди дека „подготвеноста да се гласа драматично опаѓа кај неопределените гласачи“.

Тој е дециден во својот став дека партиите ќе се на големи маки да ги мотивираат неопределените да се изјаснат на изборите, бидејќи најдобра формула за тоа на минатите избори биле непосредниот контакт со нив и непосредното убедување на политичарите.
Во меѓувреме, во последната анкета на „М проспект“, публикувана мината недела, се наведува дека дури 40 отсто од испитаниците Македонци немаат доверба во ниту еден политичар во државата, додека кај Албанците тој процент изнесувал 23,5 отсто.
Слична констатација има и во една од анкетите на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), кој констатира дека на изборите неопределените се тие што се очекува да ги одлучат изборите, а процентуално се повеќе и од рејтингот и на двете најголеми партии.


Ќе даде ли плод партиската стратегија за омаловажување на противникот

Во контекст на актуелната кампања, за обележување е однесувањето на партиите што во „нестандардната трка за гласачи“ и овој пат не одбегнуваат „агитација со фалби за себе“ и „агитација со кудење на политичкиот опонент“.
Слично на поранешните кампањи, единствено без големите митинзи од град во град, партиите во овој тек од кампањата се обидуваат да ги величат своите достигнувања и да ги оцрнуваат оние на партиите од спротивниот табор, а сето тоа е изведено на дистанца, преку ТВ, видеоспотови, гостувања и реклами во медиуми, многубројни соопштенија и прес-конференции…

Владејачките партии се фалат за она што го направиле во претходните години, со посебен акцент врз зачленувањето во НАТО и одлуката за почнување претпристапни преговори со ЕУ и растот на платата, особено на минималната. Опозициските партии, од друга страна, овие работи ги „вртат на својата воденица“ и ги анализираат последиците од постигнатите договори со соседните земји, како и неодржливоста на економската состојба на економијата во земјава. Притоа, тие ветуваат подобар стандард, повисоки плати, пензии, субвенции за земјоделците, намален данок 8 проценти, многу инфраструктурни проекти…

Во постепено зовривачката атмосфера, негативната кампања зема сѐ поголем замав. Чувството што го создава ваквиот „црн“ приод не остава добар впечаток ниту кај домашната ниту кај надворешната јавност. Дали црниот приод на кампањите ќе даде плод, односно дали средствата ја оправдуваат целта, остава да се види на денот по изборите.

[email protected]