Гостиварско училиште не ги прифаќа општинските пари за да плати струја

194
Фото: Игор Бансколиев

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари информираше дека директорите на училишта поставени од Владата одбиват соработка, а како куриозитет посочи пример во кој директор на едно школо не прифаќал општината да ги плати заостанатите сметки за струја. Според првиот човек на Гостивар околу 35 наставници, професори и учители биле избркани од работа, а на нивно место настава почнале да држат лица кои не биле евидентирани во ниедна институција.

-Се прашувам како е можно лица без никаков документ и без да бидат пријавени да држат настава на ученици. Ова се случува само во Гостивар. За жал сето искажано е одобрено и овоможено од страна на директорите на училиштата кои беа насилно поставени од министерот за образование. По земањето на интегренциите од градоначалникот сега е јасно зошто тоа е направено. Еден директор на училиште не сака да му ја платиме струјата како општина, тоа јавно го кажа пред два три дена дека не прифаќа општината да ги плаќа неговите долгови-рече Таравари.

Директорот на ОУ „Исмаил Кемали“, пак кое повеќе месеци е финансиски блокирано, вели дека не одбил помош од општината, туку барал парите да се префрлат на жиро сметка за да се одблокира.

-Не дека не давам согласност да одат директно таму. Јас барам да се пуштат директно парите во жиро сметката да се деблокира сметката, да се платат тие долгови што се елементарни, како за хигиена и слично- изјави Бејтула Заими, директор на ОУ „Исмаил Кемали“.

Таравари на средбата со новинарите истакна дека во неколку училишта, каде директорите на своја рака објавиле тендери за превоз, се уште не е обезбеден потребниот транспорт за учениците. Во Гостивар и по десетина дена од почетокот на новата учебна година, не стивнува нетрпението меѓу локалната власт и училишните управи, кое почна по одземањето на надлежностите на општината во образованието.

А.С.