Горна и Нова Македонија како можни варијанти за решение

2269

Горна и Нова Македонија како можни варијанти за решение, повторно се враќаат на маса, според грчките медиуми откако официјална Атина, вчера индиректното го отфрли името „Република Илинденска Македонија“ и додаде дека треба да се најде заемно прифатливо решение со географска или временска одредница како што предвидува пакетот предлози на Нимиц.

Според информациите, Грција се чини дека бара излез во други опции, а конкретно, силното „не“ турка кон почетните предлози што беа доставени, особено Горна Македонија и Нова Македонија, без превод и секако за севкупна употреба. Секако, некои потенцираат дека временската одредница (Нова) можеби има повеќе шанси, пишува онлајн изданието на грчкиот весник „Та неа“ и коментира дека и овие две имиња имаат „исто така имаат негативна тежина“, но во споредба со „Илинден“ полесно би се нашол заеднички јазик со партиите од опозицијата.

– Во суштина, случајот со преговорите со ПЈРМ започнува од почеток или веројатно од таму каде што застанаа Коѕијас и Димитров во присуство на Метју Нимиц- пишува информативниот портал „Ин“ и ги споменува петте предлози од медијаторот, „Република Нова Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“, „Република Северна Македонија“ и „Република Македонија (Скопје)“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, последните случувања на релација Македонија – Грција е една од главните теми во медиумите кај јужниот сосед. Лидерската средба кај нас и изјавите на премиерот Заев за „Република Илинденска Македонија“, противењето на грчките опозициски партии за конкретното име и отфрлањето на предлогот од грчката влада, како и телефонскиот разговор меѓу Ципрас и Пенс се во фокусот на новинарите во Грција.

Коментарите се дека по реакциите на партиите од опозицијата, кои речиси едногласно го отфрлија предлогот „Република Илинденска Македонија“ со објаснување дека содржи иредентизам, во грчката влада одново ги измериле можностите за решение и создавање широк национален консензус во Грција и решиле да се концентрираат на предлозите од медијаторот Нимиц.